Уште ли ќе ја тресат гората?
Сега ни ја препраќаат латинската Pacta sunt servanda (или: договорите мора да се почитуваат), што повторно не е нешто поголемо од – глувче. Ако сакате нештата да ги гледате логично, и нормално. Ако не, тогаш личи на слон!
Адвокатската канцеларија за името во Skopia уште ја тресе гората очекувајќи од неа да излезе – слон. И ене, повторно се јави. И навистина се јави, аплаудираат клиентите. Сега ни ја препраќаат латинската Pacta sunt servanda (или: договорите мора да се почитуваат), што повторно не е нешто поголемо од – глувче. Ако сакате нештата да ги гледате логично, и нормално. Ако не, тогаш личи на слон!
Но интересно е што посочената латинска поговорка овде никој не ја оспорува, па останува нејасно кому „канцеларијава“ нешто му докажува. Освен можеби себеси и на тие што ги плаќаат, зашто нештата околу почитувањето на договореното не одат баш во нивна полза, нели. Ако некој целосно ги исполнил договорените обврски тогаш тоа е токму „втората страна“, којашто овие, од непознати причини, нон-стоп ја клеветат кај газдите, кои и да се. А упорно ги премолчуваат другите нешта.
И денес остануваат малку познати тогашните реакции на неколкумина компетентни личности – меѓу нив и сегашната претседателка – за суштинската незаконитост (односно спротивност на основните ius cogens норми) на тој договор и можноста истиот еднострано да се раскине преку дипломатски канали според Виенската конвенција на ОН за правото на договори од 1969 година имајќи, предвид дека не е во согласност со Повелбата на Обединетите нации и судските ставови на Меѓународниот суд на правда во Хаг.
Што е уште пострашно, дел од нивните колеги, (наводни) познавачи на меѓународното право, кои наместо на јавноста да ги објаснат сите валидни аспекти на „проблемот“, говорат за китови и сардини, за малите и слабите кои мораат да се покорат пред големите и силните, за „половина од Американците“ кои наводно поддржувале некакви нивни налудничави тези и слично.
Никој не сака(ше) да ја упати македонската јавност во слични претходни меѓународни случаи или пак на детали од меѓународното право коишто, во најмала рака, поттикнуваат сомнежи во целата локална и меѓународна кампања, сега и претходно. На пример, како што потенцира судијата Лојтерпахт во еден (навидум безначаен) спор помеѓу Норвешка и Франција од 1957 година, факт е дека секој меѓудржавен договор мора да се базира на некој национален закон. На кој закон се базира Преспанскиот договор за промена на името? Или наоѓа ли некаква поткрепа за тоа во Уставот, и во кој член? Се разбира – не. А во тој контекст, а согласно делот 46 од Виенската конвенција, ако договорот прекршува фундаментален внатрешен закон на едната страна, истиот ќе се смета за невалиден!
Понатаму, на пример фактот дека меѓународните договори се базираат на согласност на двете страни – што во овој случај е неспорно – но и дека во таквите договори постои и концептот наречен rebus sic stantibus (во најслободен превод: како што стојат нештата), којшто дозволува едната страна да се повлече или да го прекине договорот доколку настапиле фундаментални промени во околностите. Па следствено, дали „Референдумот на државно ниво“ од 30 септември 2018 година – што ќе рече после потпишувањето на Преспанскиот договор – претставува една таква фундаментална промена на условите? Апсолутно, зашто неговата неуспешност го покажа расположението во државата за тој и таков меѓународен договор.
А тоа „расположение“ беше познато многу пред потпишувањето на договорот. Не само преку редица анкети, туку и низ реакциите на бројни опозициски политички партии во државата. Ако тогашната власт тоа го знаела – а секако го знаела – може ли тогаш да се подведе под сомнение и уште еден важен аспект во меѓународните договори односно дека страните ќе се однесуваат чесно и искрено („in good faith“)? Зашто, во дадениот случај, едната страна, па делумно и другата (кадешто еднакво имало противници на договорот), знаела дека нема поширока поддршка за договорот а сепак го потпишала, тоа никако не може да се нарече чесно и искрено односно „in good faith“!
Или, на пример, зошто никој не го истражува(л) мноштвото слични меѓународни случаи, меѓу нив и еден од 1932 година наречен „Третманот на Полјаците и други луѓе со полско потекло и говор“, кадешто се констатира дека не може да се очекува една држава да го прекршува сопствениот устав за да се придржува до некакви одредби во меѓународен договор итн. Или зошто би се откажала од императивното право на суверенитетот врз државно-правниот идентитет и неотуѓивост и неприкосновеност на националниот идентитет?
Сето претходно се аспекти и примери што можеле, и можат, да се земат предвид при оценката на однесувањето на една страна во меѓународниот договор. Или, ако сакате, зошто цела една држава, еден народ, дури и наспроти јасно изразеното несогласување, мора и понатаму да ја поднесува малоумната одлука на неколкумина политиканти да потпишат некаков меѓународен договор? И зошто тоа не смее јавно да се каже? А смее јавно да се организира хајка против сите што мислат спротивно на тој договор или негови делови, како што тоа упорно го прави „адвокатската канцеларија за името“ со неколкумина клиенти со сите нивни узрупации на јавниот збор и етер?
И нема, се разбира, долго да остане тајна кој од какви позиции делува(л) и зошто. Иако, во одредена мерка, тие нешта се и денес познати. Но, за жал, срамот ќе остане врз плеќите и на нивните идни поколенија!
И конечно, за да не остане некажано: во случајов можеби е ирелевантно кој што мисли и дали се согласува со Преспанскиот договор и модусите на неговата примена. Останува и фактот дека pacta sunt servanda. Проблемот што иритира е токму ваквата загадочна заговорничка настојчивост на група локални слепци нештата да ги прикажат во сосема друга светлина, да се извртуваат и најочебијните факти, да се агитира во секој миг и секоја ситуација без оглед на консеквенците. Историјата памети такви примери, многу од нив и на ова тло, и ги нарекла со соодветно име. Прашање е дали и ние ќе се осмелиме на такво нешто зашто оваа нивна пресија станува неподнослива!