Уште една потресна приказна од ковид центрите: Татко ми е со посебни потреби, не знае да каже дали го боли или е гладен, а ние немаме никаква информација за неговата состојба

Димитровска вели дека како фамилија се игнорирани од персоналот на неврологија и бараат стотици начини и контакти да дознаат барем една реченица за неговата состојба.

1,513

Се повеќе граѓани кои не успеваат да дознаат каква е состојбата на нивните најблиски во ковид центрите се обидуваат преку постови на Фејсбук да издејствуваат некаква информација.

Денеска Василка Димитровска, ќерка на хендикепирано лице кое е сместено во ковид центарот на Клиниката за неврологија бара помош да добие информација за родителот.






„Би сакала да остане јавно запишано дека се обидувам на сите можни начини да добијам информација за мојот татко кој е моментално во ковид центарот на неврологија. Тој е човек со посебни потреби, не знае да каже дали го боли, дали му се јаде, дали не му е добро. Притоа има скршен колк, го оперираа во градска болница пред 2 недели каде најверојатно го заразија и со ковид и ни го предадоа со изглед на мртовец со 20 килограми помалку затоа што не знаеме дали го хранеле“, напиша таа на Фејсбук.

Таа вели дека како фамилија се игнорирани од персоналот на неврологија и бараат стотици начини и контакти да дознаат барем една реченица за неговата состојба.

„Не само што сметам дека е ова дрско, безобразно и нехумано однесување да го држат мојот родител зад затворени врати, а ние притоа да немаме ниту една валидна официјална информација, туку вакво нешто немало ни во војна а не во 21 век со сета технологија. Треба да почнам со приватни тужби и едно 20 луѓе да си останат без пензија ама не верувам дека и тогаш ќе се оправиме„, додава таа.

Поврзани содржини