УШТЕ ЕДНА ГОДИНА ЌЕ СЕ ГРАДИ АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД Потпишан и осмиот анекс на договорот вреден 186 милиони евра
Делницата долга 57 километри почна да се гради пред 12 години. Досега се потрошени околу 558 милиони евра, а во сообраќај се пуштени околу 40 километри од автопатот.
Директорот на Јавното претпријатие Државни патишта Коце Трајановски и претставникот на кинеската фирма „Синохидро“ Чен Чен го потпишаа осмиот анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид кој неодамна го одобри Собранието.
Со овој анекс државата ќе издвои уште 186 милиони евра за да се заврши изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Со него се дава рок кинеската компанија да го заврши до 31 мај 2027 година.
Од Државни патишта појаснуваат дека парите се потребни за изведување на непредвидени и дополнителни градежни работи кои се потребни за целосно завршување на проектот.
– Потребна е санација на 14 свлечишта и обезбедување на глобална стабилност, еластична одбојна ограда, изградба на контролен центар, како и дополнителните работи за изградба на паралелни патишта. Со ова се надминати проектните предизвици со косините и свлечиштата и може да се продолжи поинтензивно со градежните активности – велат од Државни патишта.
Делницата долга 57 километри почна да се гради пред 12 години. Досега се потрошени околу 558 милиони евра, а во сообраќај се пуштени околу 40 километри од автопатот.