Уште две деца од струмичката градинка позитивни на ковид-19
Според епидемиолозите се уште не може да се утврди точно како се заразиле двете деца и дека постојано се преземаат сите мерки за заштита согласно протоколите.
Уште две деца од струмичката градинка од истата група од која е првото, се позитивни на ковид-19, потврди директорот Васил Бубев.
-Не може да се потврди дека станува збор за поврзаност со првиот случај на ковид- 19 во групата, бидејќи едното од децата воопшто не се сретнало со првото позитивно дете, додека другото било во контакт само еден ден. Не е исклучена можноста да станува збор за пренос на вирусот од други лица во кругот на семејствата кои можеби се носители на вирусот, но се асимптоматски – изјави директорот Бубев.
Тој додава дека според епидемиолозите се уште не може да се утврди точно како се заразиле двете деца и дека постојано се преземаат сите мерки за заштита согласно протоколите.
Единаесетте деца од оваа група и тројца вработени се во изолација.
Првиот случај на коронавирус во струмичката градинка беше регистриран пред два дена. Детето било во градинка само три дена од отворањето, а од понеделникот не доаѓало, а утврдено е дека вирусот го добило од член на семејството.