УШТЕ ДВАЕСЕТИНА ЛИЦА ЌЕ ЗАМИНАТ НА ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО Муцунски ќе предложи на членовите на семејствата да им бидат покриени трошоците за пат и престој

Дополнително на седница на Владата ќе предложам од Службата за општи и заеднички работи да бидат покриени трошоците за пат и престој во странство за членови на семејствата на повредените кои се лекуваат во странство. Исто така за сите прашања од конзуларен карактер имаме дежурен број во министерството, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

1,562

Предлогот трошоците за пат и престој на членови на семејствата на македонските граѓани кои се лекуваат во странство по трагедијата во Кочани ќе се најде на седница на Владата, откри министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

На прес-конференција министерот обзнани и дека во секоја од земјите каде што се пратени пациенти на лекување има определено лице за контакт кое е достапно 24 часа за родителите за каков било контакт или поддршка и дека списокот на контакти е објавен на сајтот на министерството.






– Дополнително на седница на Владата ќе предложам од Службата за општи и заеднички работи да бидат покриени трошоците за пат и престој во странство за членови на семејствата на повредените кои се лекуваат во странство. Исто така за сите прашања од конзуларен карактер имаме дежурен број во министерството – рече Муцунски.

Министерот најави дека уште лица од актуелните 51 треба да заминат да се лекуваат во странство во текот на овој ден.

– До овој момент 51 пациент од Македонија е испратен на лекување во следните земји: 9 пациенти во Турција, 14 во Бугарија, 4 во Грција, 17 во Србија, 4 во Литванија транспортирани со романски авион и засега 2 пациенти во Унгарија. Во денешениот ден се очекува 6 во Австрија, 4 во Словенија, 4 во Хрватска, 4 пациенти во Норвешка и уште 4 во Унгарија.

Муцунски истакна дека министерството преку Кризен штаб во последните 24 часа ги координира сите заминувања во странски земји. Тој рече дека бил активиран и Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, систем за кооррдинација меѓу сите земји на унијата од каде се очекува помош.

Министерот му заблагодари на својот колега од Грција Герапетритис за укажаната помош и спремност. Тој им се заблагодари на бројните државници кои се солидаризираа со Македонија, искажаа сочувство и ги понудија своите капацитети за помош, и, како што рече, ја прескокнале потребната битократија која обично е дел од ваквите процеси.

Муцунски и премиерот Христијан Мицкоски оствариле телефонски повици со претставници од повеќе земји. Меѓу повиците до премиерот Мицкоски бил и повик од Ричард Гренел во име на администрацијата на Доналд Трамп.

Муцунски потврди дека од денеска е прогласена 7-дневна жалост во државата и дека знамињата во министерството и во владата се поставени на пола копје.

Тој им се заблагодари и на сите медицински лица вклучени во процесот на ангажираноста и на пожртвуваноста.

 

Поврзани содржини