УШТЕ 10,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОИЗВОДСТВО И ЗА ДОПОЛНИТЕЛНИ КОЛИЧИНИ СТРУЈА Владата донесе програма за зелен развој
Владата на денешната седница, согласно Законот за извршување на Буџетот за 2022 година, донесе Програма за зелен развој со која се утврдени дополнителни 670 милиони денари (10,7 милиони евра) за реализација на проекти од областа на енергетиката, односно за производство и обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија од обновливи извори на енергија за надминување на состојбата со енергетската криза.
На оваа седница Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права.
Како дел од прифатените кадровски предлози на владината Комисија за именување, денеска е прифатена одлуката на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој да му биде предложено за в.д. директор на Фондот да го именува Фестим Халили.
Владата денеска донесе заклучок со кој ги задолжи сите органи и институции во нејзина надлежност во рамките на своето редовно работење да ги признаваат електронските уверенија од казнената евиденција, односно уверенијата за неосуденост, со подеднаква важност како и оние кои се издаваат во печатена форма.
Ова задолжение на Владата доаѓа по известувањето на Советот за информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи кои утврдиле дека некои вработени во јавните институции се уште барале овие уверенија да бидат во печатена форма.