УШИТЕ ШИРОКО ОТВОРЕНИ ВО ГРАДСКИОТ ПАРК ВО СКОПЈЕ Филхармонијата ќе изведува музика од филмовите на Кјубрик
Годинава тема на традиционалниот концерт, на Филхармонијата во Градски парк во Скопје, е музиката од филмовите на легендарниот режисер Стенли Кјубрик кој важи за визионер со огромно влијание врз светската филмска уметност.
Традиционалниот концерт на Филхармонијата во Градски парк во Скопје ќе се одржи на 19 јуни во 21 часот.
Годинава тема е музиката од филмовите на легендарниот режисер Стенли Кјубрик кој важи за визионер со огромно влијание врз светската филмска уметност.
Концертот е насловен „Одисеја 2024“ и е инспириран од енговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“.
Ќе диригира Дијана Имери-Илкоска, а ќе бидат изведени музички теми од Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостаковиќ, кои ги одбележаа филмовите „2001: Вселенска одисеја“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.
– Кјубрик ја гледал музиката како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебни драматургија и естетика – велат од Филхармонија.