Ѓуро ќе ти прости што те тепаше
За минатото или за иднината? За кавги или за пријателство? – Без никакви дилеми, за иднина и за пријателство. Како? – Само еден е патот. Оној по кој Вили Брант во 1970 година стигна до Полска. Никако поинаку. Тие што го бришат минатото ја бришат и иднината.
Не е време за смеење. Напротив, време е за плачење. Но, кога лошото, од ден на ден е полошо, во духот на старите македонски обичаи (како во потресната сцена од „Пиреј“ кога Велика и нејзината јатрва го закопуваат претпоследното дете, место кукање и солзи од пресушените очи, за да „пукне“ лошото и да го куртулат барем последното, и тоа е на смртна постела, играат оро на гробот), така и јас, кога врие јад и чемер во мене, за наслов на ова мое писание, позајмив дел од легендарната реплика од култната југословенска комедија „Балкански шпиун“.
И, колку да звучи комично и контрадикторно, за жал, токму таква е денешната македонска состојба во односите со „мајка“ Б`лгарија.
После осумдесет години, после осумдесет илјади документи, се разбира, ако прифатат дека имаат бугарски корени и дека јазикот им е бугарски дијалект, тогаш, Бугарите ќе им простат на Македонците затоа што четири години (од 1941 до 1944) ги тепаа и ги убиваа.
Цела вселена, освен неколкумина, знае дека:
На први март 1941 година, во Виена, тогашниот бугарски премиер, Богдан Филов го потпиша Тројниот пакт;
Истиот ден, Рибентроп, официјално го известил бугарскиот премиер дека Бугарија ќе добие излез на Егејско Море помеѓу реките Струма и Марица;
Бугарското Народно собрание го ратификува со 140 гласа „за“ и 20 „против“;
Окупатори или администартори? – Одговорот ќе го најдете во Париските мировни договори од 10 февруари 1947 година, според кои, Бугарија беше обврзана да исплати репарации во износ од 45 милиони долари на Грција и 25 милиони долари на Југославија (администратори не плаќаат репарации).
За наводната заедничка историја пред 1944 година, поточно, кому му припаѓа Гоце Делчев и сите останати револуционери од пред и по илинденскиот период, за тие што умеат внимателно да читаат и здраворазумски да расудуваат, сосема се доволни само петте основни начела врз кои, на 23.10.1893 година, во Солун, е формирана Македонската револуционерна организација:
- Организацијата да е тајна и револуционерна;
- Нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се нарекува Внатрешна;
- Во неа ќе членуваат родени и лица што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност;
- Политичкото верују на организираните Македонци е автономија на Македонија;
- Да се чува самостојноста на Организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави (Да не заборавиме, и тогаш, на територијата Македонија, покрај другите, сосед беше и Бугарија).
А, за да се разбере дали македонскиот јазик е ист со бугарскиот, сосема е доволно да се прочита само една книга: „Историја на македонскиот јазик“ од Конески.
За минатото или за иднината? За кавги или за пријателство? – Без никакви дилеми, за иднина и за пријателство. Како? – Само еден е патот. Оној по кој Вили Брант во 1970 година стигна до Полска. Никако поинаку. Тие што го бришат минатото ја бришат и иднината.