Љупчо Златев: Закажано е рочиште, но имам информација дека е нарачано да добијам условна казна
Јас не само што не се плашам, туку по ваков притисок сум уште похрабар. Злоупотребите, злоделата и криминалот не може да бидат службена тајна, напиша новинарот Љупчо Златев на Фејсбук
Љупчо Златев, главен уредник на порталот Економски лидер, на Фејсбук напиша дека на 29 септември му е закажано рочиштето во кое, како што вели, ќе го судат за оддавање службена тајна. Тој исто така наведува дека уште сега има информација оти од судот било нарачано да добие условна казна.
Ви го пренесуваме статусот на Златев во целост:
„На 29.09, во 09:30 часот ми е закажано рочиштето во кое ќе ме судат за оддавање на службена тајна. ‘Службената тајна‘ која јас ја објавив во мојот медиум е дека еден вработен во УБК бил отстранет од работа само затоа што неговиот татко присуствувал на протестите против промена на името. Она што јас го објавив е класичен јавен интерес и злоупотреба од страна на службите. Она за што јас пишував е класично кршење на човековите права и правото на протест! Уште од сега имам информација дека од судот било нарачано да добијам условна казна, за да се плашам да објавувам вакви злоупотреби од страна на службите. Но, драги мои, кај мене тие методи не палат. Јас не само што не се плашам, туку по ваков притисок сум уште похрабар. Злоупотребите, злоделата и криминалот не може да бидат службена тајна“, напиша Златев.