Љупче другарче, батали фејк борба против корупција, не пали тоа кај никого!
Министре за борба против корупцијата, батали броење чаши води, батали вакво фрлање вода под рогозината. Тоа е евтина пропаганда за широки народни маси. Џабе фалење, перцецијата на народот ти е јасна, не ве бива. Ако не знаеш кај ти е мегданот, ќе ти се каже.
Љупче другарче, те слушам и уште малку и ќе поверувам во онаа шега дека перцепцијата за високата корупцијата во Македонија е поради тоа што само ние имаме министер за борба против корупција.
Твоите „аргументи“, со кои се мачиш да докажеш дека борбата против корупцијата била „високо на агендата на владата“ и дека толку многу се трудите што на министрите им се брои секоја чаша водат што ќе ја испијат, се смешни. Да не речам… Ете, нема да речам какви, за да го задржиме нивото на дебатата.
Како и да е, Љупче другарче, кога те слуша човек, добива впечаток дека или се правиш недоветен и нѐ замајуваш со евтини трикови, или, едноставно, не знаеш што е тоа корупција.
Ќе бидам фин и ќе ти припишам блажено незнаење. А ти ќе ми простиш на ова непристојно интимизирање, на ова обраќање на „ти“, а лично не се познаваме. Ќе се обидам да ти објаснам нешто што треба тоа да го разбираш или требало да го научиш пред да се нафатиш да го водиш „ресорот“ што ти е доделен.
Значи, вака. Време е да научиш дека постои битна разлика помеѓу „обичниот“ криминал и криминалот и злоупотребите што се вршат од позиција на моќта која човек ја стекнува кога ќе му биде доверено да врши јавни работи, да биде она што се нарекува јавен службеник. Да, корупцијата има и силно изразена морална димензија. Самиот збор доаѓа од латинскиот збор corruptus, што значи „расипан“. Да, корупцијата води во криминал. Но, кога зборуваме за корупцијата како феномен, мислиме првенствено на одреден степен на „расипаност“ на целиот систем, што им овозможува на претставниците на политичката класа да ја злоупотребуваат моќта, за да стекнуваат лична или групна корист, наспроти јавниот интерес.
Непотизмот, партизираноста на јавните институции и клиентилизмот, на пример, се само појавни облици на таа „расипаност“ на системот. Тие се системски аберации, со кои, всушност, почнува плетењето на корупциските мрежи, коишто потоа овозможуваат масовно кршење на законските и на етичките норми, дивеење на криминалот и негово поврзување (организирање) со врвовите на власта.
За полесно да разбереш, Љупче другарче, ќе ти дадам еден пример. Ти со чашите вода, јас еве со друг пример.
Замисли висок јавен службеник фатен со одредено количество дрога, во посед или во илегална трговија со психотропни супстанци. Потоа замисли друг висок јавен службеник, многу повисоко во хиерархијата, за кого постојат сериозни наводи дека поседува – директно или посредно, скриено – сопственички удели во компанија која легално се занимава со производство на канабис. И замисли дека овој вториов нема извршено никакво казниво дело.
Ако си замисли, Љупче другарче, концентрирај се (држи ги тоа чашите под васервага, да не се истурат), па ајде заедно да анализираме.
Значи, во првиот случај имаме класично кривично дело, додека во вториот случај казниво дело воопшто нема. Првиот случај, сам по себе, е скандалозен, трагичен. Но, тоа не е случај на корупција. Корупција е вториот случај, бидејќи висок јавен службеник, од позиција на политичка моќ, остварува или може да оствари лична и имотна корист, како директен или скриен сопственик или косопственик на компанија што легално се занимава со производство на канабис.
Е сега… Знам дека и ти, а и многумина како тебе, ќе го постават златното прашање – зошто?
Тој вториот дошол или можел да дојде во позиција да оствари лична имотна корист, но не затоа што е многу паметен и претприемчив (може да е и таков, не велам не), туку затоа што е високо позициониран во јавната служба. Тој од таа позиција не морал да сторил никаков грев, може да е токму најчесниот и најпосветениот јавен службеник на овој свет, но сето тоа е небитно – битно е тоа што се претпоставува дека неговата позиција во јавната служба може да му овозможи противправно стекнување имотна корист. И тоа е доволно да се смета дека неговите интереси во приватната компанија за производство на канабис се неспоиви со вршењето на јавната служба.
Ја сфати поентата?
Љупче другарче, тој што има сериозна и искрена намера да се бори против корупцијата и особено против високата корупција, не мора да се мачи на министрите да им брои колку чаши вода испиле, да им ја ограничува репрезентацијата, да им ги контролира службените платежни картички и да спроведува таква инквизиција и тортура во администрацијата. Во ред, тие непотребни трошења на народните пари треба да се ограничат, но тоа се прави системски и при тоа не треба да се измислува топла вода, бидејќи постојат туѓи искуства (а и наши) за тој потфат. Јак потфат…
Акт на сериозно конфронтирање со корупцијата би било кога ти, Љупче другарче, кога веќе си добил „ресор“ и некакви овластувања да се бориш против корупцијата, би го повикал нашиот корумпиран висок јавен службеник (оној вториот, незгодниот) и би му рекол вака:
„Другар, твојата сопственичка или парасопственичка врска со приватната компанија е од коруптивна природа и како таква, таа е спротивна на принципите на доброто владеење. Затоа, моја обврска е да покренам постапка во антикорупциската комисија и да ги поттикнам другите надлежни органи да спроведат контрола на сопственичките удели и на финансиските текови во компанијата. Од тебе очекувам веднаш да избереш помеѓу јавниот интерес што го застапуваш како јавен службеник и личниот интерес што го имаш како сопственик на удели или како човек со блиска релација со компанијата и со нејзините сопственици, за која оправдано се претпоставува дека ти овозможува да оствариш лична имотна корист“.
И тука се става точка на муабетот. Нема запирка, нема она „ама види, не е така како што изгледа“, нема консидерации од било каков вид.
Е тоа би било акт на жестока конфронтација со високата корупција во Македонија!
Тоа би било потег што сигурно би го поздравила и Кејт Мари Брнс, американската амбасадорка во Македонија, која пред два дена ја критикуваше толеранција на власта кон корупцијата. Би сакал да те потсетам, Љупче другарче, на нејзините главни поенти:
„Борбата против корупцијата не е крајна цел сама по себе. Наместо тоа, таа е предуслов за постигнување на целите. Корупцијата, без разлика дали станува збор за висок функционер кој бара возвратна услуга, локален службеник кој бара мито за да обезбеди суштинска услуга, службеници кои казнуваат возач за лажиран сообраќаен прекршок, кога се наградува неквалификуван пријател со високо платена владина позиција, па дури и ситното очекување на мала исплата за да влезете во вистинското училиште или болница – сето тоа заедно е рак што ги подјадува темелите на општеството. И, да бидеме искрени – извештаите за точно овој вид однесување се слушаат низ целата земја. Ова однесување и неговото толерирање од страна на владата и од страна на општата популација истовремено, ја нарушуваат вербата на луѓето во демократијата, ја намалуваат иновативноста и креативноста, го попречуваат економскиот раст, го попречуваат напредокот и на крајот им го негираат достоинството на луѓето… Сè започнува со отчетност. Во владата – од највисокиот службеник до најлокалниот бирократ, сите мора да се стремат кон највисоките етички стандарди. Политичките партии треба да се осигурат дека моделираат правилно однесување и дека не се само ‘подобри од следниот најлош човек’. Тие треба да работат на борба против тоа, од врвот до дното, во рамките на нивните партии и на местата каде што се избрани и да му дозволат на судството да ги гони случаите без политичко мешање“.
Јасно ли е, другарчиња? Амбасадоркава вели дека низ целата земја се слуша за оваа работа! Како бе вие ништо не слушате? Да не ве заглушува сопствената врева, кога на цел глас викате „држете го крадецот“?
И јас, и амбасадорката, и сите нормални луѓе во оваа земја, секојдневно сме затрупани со информации за непотизам, партизираност на јавните институции, клиентилизам и за корупција на сите страни. И сите очекуваме отчетноста да почне од врвовите на власта. За оваа власт зборуваме, Љупче другарче, за оваа, која е во вториот мандат и во четвртата година од владеењето! Отчетноста треба да почне баш од оној „висок функционер“ за кој зборуваме и јас и амбасадорката, секако и обајцата мислејќи на еден апстрактен јавен службеник.
Твое е, министре за борба против корупцијата, да го идентификуваш во реалноста и да му скрцкаш. Тој и таквите како него се твојот мегдан. На нив да им „дишеш во врат“, баш да те видам!
И затоа, батали ти броење чаши води, батали вакво фрлање вода под рогозината. Тоа е евтина пропаганда за широки народни маси. Џабе фалење, перцецијата на народот ти е јасна, не ве бива! А сега, се надевам, ти е јасно и тоа дека сите корупциски зделки, афери и скандали се водат на рабуш. На фиљан место.
Па ти сега удри есапот…