УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЌЕ СЕ ОБНОВИ ДО 2028 ГОДИНА Еве како ќе изгледа

Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала да биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра.

977

Модерен и функционален објект кој ќе го врати значењето на култната Универзална сала и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје беше презентиран денеска од страна на Министерството за култура и туризам.

Проектот, кој е преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а делото го претстави проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел се направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побарало како неопходност што произлезе од пожарот на објектот.






„Она што е особено значајно во решението е дека ќе се задржи постојната форма за почитување на колективната меморија, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветлување, аудио-видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали во ентериерот и екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение“, соопшти Министерството за култура.

Универзална сала, фото: Министерство за култура и туризам

Очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе започне изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“. Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала да биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра.

– Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба, создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата во 2028 година – истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Универзална сала, фото: Министерство за култура и туризам

Околу реконструкцијата и адаптацијата на објектот што е симбол на градот и наменет за различни настани, се осврна проектантот Бујар Муча. Тој појасни дека задржан е концептот на гледалиштето – диспозиција на блокови, влезови и излези.

– Намален е бројот на редови за да се зголеми комфорот на публиката и да се задоволат безбедносните параметри во случај на евакуација и ПП. Предвидени се околу 1.200 седишта, наместо 1.500 колку што претходно имала салата – додаде тој.

Тој соопшти добра вест за филмаџиите, со оглед дека во Универзална ќе може да се одржуваат филмски премиери, а со подобрената акустика, објектот нема да им пречи на жителите во околината.

Министерот Љутков рече дека по обновувањето на објектот, Универзална сала ќе се врати под надлежност на Град Скопје.

– Универзална Сала не е само мој проект, туку е комплексен проект изработен од Мегарон инженеринг ДОО,Скопје во кој освен мене, учествуваа реномирани архитекти и инженери од земјата и од странство – рече Муча, кој е косопственик на Мегарон инженеринг.

Автори на проектот за реконструкција и адаптација на Универзална сала Скопје се Бујар Муча и Предраг Андонов заедно со нивните тимови и соработници.

Поврзани содржини