„United Grоup“ ја купува бугарската „Nova“
Во рамките на „United Grоup“, водечкиот телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа, во С Македонија работи компанијата „Total TV“.
„United Group“, водечкиот телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа, денес објави дека постигна договор за преземање на „Nova Broadcasting Group“, најголемата бугарска мулти-платформска медиумска компанија, од „Advance Media Group“.
Во рамките на „United Grоup“, водечкиот телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа, во С Македонија работи компанијата „Total TV“.
Трансакцијата се очекува да заврши на почетокот на следната година, по вообичаените регулаторни одобрувања. „NOVA TV“, националната телевизија во Бугарија, 10 телевизиски канали, најголемата онлајн платформа – „Net Info“, која секој месец ја гледаат просечно 80% од населението во земјата и четири радиостаници, се дел од „Novа“.
Викторија Боклаг, извршната директорка на „United Grоup“, изјави: – Многу сме задоволни од постигнатиот договор. Купуваме успешна компанија од двајца истакнати претприемачи, со големи изгледи за понатамошен раст во рамките на Групата. Новата аквизиција е во согласност со целокупната деловна стратегија на „United Grоup“, која поседува телекомуникациски и медиумски компании на пазарите на кои работиме. Новата радиодифузна група го надополнува нашето постоечко медиумско портфолио и уверена сум дека ќе најдеме многу синергии, што ќе ни овозможи на кој било пазар понатаму да инвестираме во локална содржина што брзо ќе допре до публиката.
Георги Домушчиев, извршениот директор на „Advance Media Group“, рече: – Оваа аквизиција е голем успех и голема можност за „Novа“, нејзините гледачи, слушатели и посетители. Би сакал да им се заблагодарам на сите што ни помогнаа да ја развиваме водечката бугарска комерцијална медиумска група. Договорот со „United Grоup“ ќе обезбеди континуиран развој на „Novа“.
Инвестицијата претставува четврта голема трансакција откако „BC Partners“ стана мнозински сопственик на „United Grоup“, во март 2019 година.
Работејќи истовремено во телекомуникацискиот и медиумскиот сектор, платформата на „United Grоup“ ги комбинира водечките оператори и најдобрите производители на медиумски содржини во Југоисточна Европа. Компанијата има приближно 10 милиони корисници и 11 илјади вработени.