УНГАРИЈА ЌЕ ГИ ПРОТЕРА „БАНКАРИТЕ“ ФАТЕНИ СО ТОВАР ВРЕДЕН 82 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Тврди дека се украински разузнавачи
Претходно, Киев ја обвини Будимпешта дека „зела како заложници“ седум вработени во Државната штедилница на Украина, кои превезувале готовина и злато во вредност од околу 82 милиони американски долари.
Унгарија ќе ги протера сите седум украински државјани кои беа приведени во земјата додека превезувале готовина и злато од Австрија кон Украина, соопшти денеска унгарскиот владин портпарол Золтан Ковач.
Во објава на социјалната мрежа „Х“ Ковач додаде дека тимот што го пренесувал товарот бил „предводен од поранешен генерал на украинската служба за безбедност“, со поранешен мајор од украинските воздухопловни сили како негов заменик, а бил поддржан и од лица со воено искуство.
Претходно, Киев ја обвини Будимпешта дека „зела како заложници“ седум вработени во Државната штедилница на Украина, кои превезувале готовина и злато во вредност од околу 82 милиони американски долари.
Во својата објава унгарскиот владин портпарол не даде информација дали товарот со пари и злато е задржан од унгарските власти.
Унгарската влада соопшти дека антитерористичката полиција привела украински државјани под сомнение за перење пари, при што биле запленети пари и злато.
Според украинската централна банка, запленетите возила превезувале странска валута и банкарски метали во рамки на договор меѓу „Ошчадбанк“ и „Рајфајзен Банк Интернешнл АГ“. „Рајфајзен“ има своја филијала во Украина и традиционално нуди услуги за управување со готовина низ Источна Европа.
Унгарската даночна управа НАВ соопшти дека полицијата запленила 40 милиони долари, 35 милиони евра и девет килограми злато од пратката. Од таму наведоа дека едно од приведените лица е поранешен генерал на тајните служби.
Портпарол на „Рајфајзен“ телефонски изјави дека банката и нејзините вработени не се вмешани во случајот. Тој одби да коментира за бизнисот на банката со транспорт на готовина, повикувајќи се на безбедносни причини.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан досега повеќепати го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека има намера да се меша во изборите во Унгарија, закажани за 12 април, со надеж дека ќе дојде на власт влада понаклонета кон Киев.