🎥 УКРАИНСКИ РОБОТ ЗАРОБИ ТРОЈЦА РУСКИ ВОЈНИЦИ Вештачката интелигенции го менува начинот на војување
Системот користи вештачка интелигенција за автономно препознавање, фиксирање и следење на целта.
За прв пат во историјата целосно автономен копнен робот успеа да зароби непријателски војници во вистинска битка, објавува Дејли меил, повикувајќи се на соопштение на компанијата Дев дроид (DevDroid), производител на роботски системи.
Според компанијата, украински борбен робот, опремен со вештачка интелигенција, успешно лоцирал и заробил тројца руски војници, без притоа да има некаков ризик за украинските војници.
„Мисијата е извршена од далечина, а фондот за размена на затвореници е надополнет. Вака изгледа модерното војување: роботите се на првата линија, а луѓето се безбедни“, соопшти компанијата.
Според соопштението, роботот што го изврши овој подвиг, модел TW-7.62, не е обична машина со далечинско управување. Системот користи вештачка интелигенција за автономно препознавање, фиксирање и следење на целта. Исто така, има балистички компјутер кој ја зголемува точноста на огнот до максимум, елиминирајќи ја човечката грешка.
Иако слични роботи претходно се користеле за уништување оклопни возила или обезбедување на фронтовските линии подолг временски период, ова е првиот забележан пример на роботизиран систем кој ги принудува војниците да се предадат.