„УКРАИНО, НЕ СИ САМА“ Неколку европски лидери застанаа зад Зеленски по кавгата со Трамп

Францускиот претседател, претседателката на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, победникот на изборите во Германија и полскиот премиер се огласија со поддршка за украинскиот претседател Володимир Зеленски по тензичниот состанок на Зеленски и американскиот претседател во Белата куќа.

1,370

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта упатија иста порака на социјалната мрежа Икс до украинскиот претседател Володимир Зеленски во која велат дека ќе продолжат да работат за праведен и траен мир во Украина“.

„Вашето достоинство и оддава почит на храброста на украинскиот народ. Бидете силни, храбри, бестрашни. Никогаш не сте сами, драг претседателе Зеленски. Ќе продолжиме да работиме со вас за праведен и траен мир“, напишаа Фон дер Лајен и Кошта на Икс.






Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва по прекинатиот разговор меѓу претседателите на САД и Украина во Белата куќа изјави дека постои „агресор и дека тоа е Русија“.

„Има агресор, тоа е Русија, има нападнат народ, тоа е Украина, изјави Макрон за новинарите во Португалија пред крајот на неговата посета на земјата.

„Мислам дека бевме во право што ѝ помогнавме на Украина и ја санкциониравме Русија пред три години и продолживме да го правиме тоа“, додаде францускиот претседател.

Реагираше и полскиот премиер Доналд Туск, кој на Икс им напиша на Зеленски и Украинците дека „не се сами“.

Фридрих Мерц, победникот на германскит парламентарни избори и иден премиер на Германија исто така му прати порака на Зеленски.

„Драг Зеленски, стоиме со Украина во добри и во лоши времиња. Не смееме да помешаме кој е агресор, а кој е жртва во оваа ужасна војна“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ја увери Украина за непоколебливата солидарност на Германија и Европа по хаотичниот состанок во Белата куќа денеска меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва ја прекина средбата со неговиот украински колега Володимир Зеленски во Белата куќа, каде што двајцата требаше да потпишат рамковен договор за експлоатација на украинските минерални суровини.

Трамп, кој му викаше на Зеленски, рече дека украинскиот претседател покажал непочитување кон Соединетите држави.

Како што пренесоа светските агенции, Зеленски ја напушти Белата куќа.

Поврзани содржини