УКРАИНЦИТЕ ОВАА ЗИМА ЌЕ СЕ СМРЗНУВААТ Руските напади значително ја оштетија енергетската инфраструктура

Властите стравуваат дека претстојната зима ќе биде исклучително тешка поради ниските температури и ограничените ресурси. Особено загрижува состојбата во Киев, каде, според властите, би можела да настане „катастрофа“.

360

Украина се соочува со „значаен ризик“ од прекини во греењето оваа зима поради руските воздушни напади кои во последните недели значително ја оштетија енергетската инфраструктура, предупреди денеска директорот на Украинскиот центар за енергетски истражувања, Олександр Харченко.

– Нападите врз објектите за снабдување со греење веќе се случија и ќе продолжат. Не смееме да се залажуваме: ризикот е многу значаен – изјави Харченко на прес-конференција.






Руската кампања на бомбардирање предизвика големи штети на електраните и гасната инфраструктура, со што веќе има прекини во снабдувањето со електрична енергија низ повеќе региони. Властите стравуваат дека претстојната зима ќе биде исклучително тешка поради ниските температури и ограничените ресурси.

Харченко нагласи дека украинските градови мора да го спроведат „Планот Б“ за греење на зградите, бидејќи повеќето се потпираат на централизирани системи кои се ранливи на напади.

Иако некои електрани се добро заштитени, дистрибутивните мрежи остануваат речиси незаштитени, рече тој, додавајќи дека започнале интензивни напади врз овие системи.

Особено загрижува состојбата во Киев, каде, според Харченко, би можела да настане „катастрофа“ доколку двете електрани што го снабдуваат градот не издржат при температури под нулата.

Во последните недели украинските власти воведоа итни прекини на електричната енергија во неколку региони, а понекогаш и низ целата земја, по серија руски воздушни напади.

Овие напади потсетуваат на зимските кампањи од претходните години, кога милиони граѓани остануваа без струја и греење. Украина возвраќа со удари врз нафтени депоа и рафинерии во Русија, речиси секоја недела, таргетирајќи електрани и трафостаници.

Поврзани содржини