УКРАИНА ЈА СЛАВИ НЕЗАВИСНОСТА СРЕДЕ ЕКСПЛОЗИИ И ШЕСТ МЕСЕЦИ ВОЈНА Ќе го вратиме Крим, ова е нов пресврт во војната
Според Резников, Украина е на прагот на нова етапа од војната и украинските сили почнале контраофанзива „во друга насока“. Тој наведе дека меѓу главните закани по борбата во Украина е „синдромот на замор“ кај меѓународната заедница.
Експлозии се слушаат во Харков, Запорожје и Днипро утринава кога Украина го слави својот Национален ден, токму шест месеци од почетокот на војната. „Нешто особено грдо“ се спрема на овој ден од страна на Русите, предупреди пред неколку дена украинскиот претседател Водолимир Зеленски. Меѓу другото, тој вети и дека Украина ќе го врати полуостровот Крим од каде се истрелани над 700 ракети во окупацијата. САД и Германија изнесоа нови суми за воена помош на земјата.
На денешен ден пред 31 година Украина се оддели од Советскиот сојуз со посебна одлука на Врховниот суд на СССР.
– Планиравме многу настани – нешто за да го истакнеме патот што го поминавме. По кој патувавме заедно – Украинците во Украина, на сите наши територии – и слободни и привремено окупирани, бидејќи нашиот народ се бори насекаде – рече синоќа Зеленски.
САД, исто така, предупредија пред празникот дека Русија може да ја искористи годишнината за да изврши жестоки напади врз украинската цивилна инфраструктура и владините објекти. Вашингтон ги повика своите граѓани кои се уште се во Украина да ja напуштат таа држава.
Влегуваме во нова фаза од војната?
Украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников во интервју за Си-ен-ен дека Украина влезе во фаза на стабилизација на ситуацијата на бојното поле.
– Ние сме во фаза на стабилизирање на бојното поле преку мало движење на единиците и таму создадовме голем број добри средства за одвраќање – истакна Резинков.
Според него Украина е на прагот на нова етапа од војната и украинските сили почнале контраофанзива „во друга насока“. Резинков наведе дека меѓу главните закани по борбата во Украина е „синдромот на замор“ кај меѓународната заедница.
– Ова го нарекувам синдром на замор. За мене ова е една од главните закани. Ни треба акција за оваа закана. Треба да ги прашаме луѓето. Затоа што ова е многу, многу опасно за нас – посочи Резинков.

Нова воена помош од САД и Германија
Во пресрет на празникот, САД најавија нова воена помош за Киев од три милијарди долари. Истовремено, германскиот канцелар Олаф Шолц синоќа изјави дека Берлин се подготвува да ѝ достави на Украина оружје во вредност од над 500 милиони евра.
Шолц истакна дека Украина ќе добие уште три системи за противвоздушна одбрана ИРИС-Т, десетина оклопни возила, 20 мобилни ракетни фрлачи. Поголемиот дел од нив ќе бидат испорачани во 2023 година.
Шолц помошта ја најави истиот ден кога украинскиот претседател Володимир Зеленски беше домаќин на виртуелната средба на светски лидери посветена на враќање на анектираниот Крим на Украина.
Светот гледа, не бомбардирајте училишта!
Заменик-постојаниот претставник на САД во ОН, Ричард Милс ,вчера упати конкретно предупредување до Русија во Советот за безбедност на ОН дека „се приближува денот на независноста на Украина, а светот гледа“.
– Ние дури и не треба да го кажуваме ова: ве молиме не бомбардирајте училишта, болници, сиропиталишта и станбени домови – рече тој.
– Ќе продолжиме да бараме одговорност за секое прекршување на меѓународното право.
Над 5.000 цивили убиени, над 7.890 повредени
Од 24 февруари досега се убиени 5.587 цивили, а 7.890 се повредени, но реалниот број на жртви е многу поголем, објави на 22 август Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (ОХХР). Повеќето од загинатите или повредените биле жртви на артилериски, ракетни или воздушни напади.
Началникот на украинскиот Генералштаб, генерал Валериј Залужни, на 22 август изјави дека речиси 9.000 украински војници загинале во војната, што е првпат украинското воено раководство да објави такви податоци по инвазијата.
Русија не објави за бројот на жртвите.
Американските разузнавачки служби проценуваат дека досега во Украина се убиени 15.000 руски војници, а трипати повеќе се повредени, што одговара на вкупниот број на советски жртви за време на руската окупација на Авганистан од 1979 до 1989 година.
Конфликтот во Донбас почна во 2014 година по соборувањето на прорускиот украински претседател и руската анексија на Крим. Околу 14.000 луѓе, вклучително и 3.106 цивили, загинале во борбите меѓу силите поддржани од Русија и украинските вооружени сили до крајот на 2021 година.

Колку оружје досега доби Украина од САД и Велика Британија?
САД ѝ дадоа околу 9,1 милијарди американски долари безбедносна помош за Украина од 24 февруари, вклучувајќи противвоздушни системи Стингер, противоклопни системи Javelin, хаубици од 155 мм и заштитна опрема во случај на напад од хемиски, биолошко, радиолошко и нуклеарно оружје.
Втор по големина донатор е Британија, која даде воена помош во износ од 2,3 милијарди фунти. Европската унија и даде на Украина 2,5 милијарди евра безбедносна помош.
Украина загубила петтина од територијата
Освен човечките жртви, Украина изгубила околу 22 отсто или над петтина од својата територија од руската анексија на Крим во 2014 година, според проценките на западни медиуми. Изгуби голем дел од својот брег, економијата беше осакатена, а некои градови беа претворени во пустош од руското гранатирање. Украинската економија ќе се намали за 45 отсто во 2022 година, според проценките на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Точната цена на војната во американски долари не е позната. Украинскиот премиер Денис Шмихаљ во јули изјави дека повоената реконструкција ќе чини околу 750 милијарди американски долари. Може да биде многу повеќе. Не е познато колку Украина потрошила за борби.
Во Европа пребегале 6,6 милиони Украинци
Од почетокот на инвазијата, една третина од населението на Украина, од вкупно повеќе од 41 милион, мораше да ги напушти своите домови, што е најмногу во светот во моментот, според УНХЦР, агенцијата за бегалци на ОН. Во моментов во Европа има повеќе од 6,6 милиони регистрирани бегалци од Украина, најмногу во Полска, Русија и Германија, покажуваат податоците на агенцијата на ОН.