📽️ УКРАИНА ПАРАДИРАШЕ ЗА НЕЗАВИСНОСТА, АМА СО ДРОНОВИ Роботи во Киев, „Си Бејби“ и „Магура“ во водите на Днепар

Наместо класична колона од тенкови и оклопни возила, Украина ги покажа системите што веќе ги користи на бојното поле. Зеленски побара посилен притисок врз Москва, додека од Варшава стигна нов спор околу украинската историја.

1

Украина го одбележа 35. Ден на независноста со необична воена парада. Наместо тенкови, војници и тешки оклопни колони, ја покажа технологијата развиена во текот на војната.

Копнени роботи поминаа по киевскиот Хрешчатик. Поморските дронови „Си Бејби“, „Магура“ и „Сарган“ пловеа по Днепар.






Посебно внимание привлекоа копнените роботски системи на тркала и на гасеници. Меѓу нив беа „Рис про“, „Тарган“ и „Термит“.

Машините извршуваат задачи што често би ги изложиле војниците на директен руски оган. Пренесуваат муниција, вода и храна и извлекуваат ранети.

„Си Бејби“ и „Магура“ по Днепар

Парадата истовремено се преселила и на вода. По Днепар пловеа „Си Бејби“, „Магура“ и „Сарган“.

Украина веќе ги користи поморските дронови против руски воени бродови и инфраструктура. Со нив Киев ја компензира огромната разлика во класичната поморска моќ во Црното Море.

 

Дронови почнаа да ловат дронови

Над Киев беше прикажан и нов слој од украинската воздушна одбрана. Меѓу леталата имало дронови-пресретнувачи за соборување руски беспилотни летала, вклучително и „Шахед“.

Украина во меѓувреме формира и посебни Сили за беспилотни системи.

Санкции „што ќе ги натераат да завиваат“

Претседателот на Украина Володимир Зеленски Денот на независноста го искористи да ги повика САД, Европа и Кина да го зголемат притисокот врз Русија.

– Верувам дека Америка ќе ги надмине сите свои противречности и фобии во врска со Русија. Русите мора да седнат на преговарачка маса. Конечно мора да се воведат санкции што ќе ги натераат да завиваат – рече Зеленски.

Украинскиот лидер побара и поактивна улога од Пекинг „да ја докаже својата амбиција да биде еден од најголемите светски лидери“ со тоа што „јасно ќе испрати порака дека ниту еден диктатор нема право да ја загрозува планетата со своите застарени боеви глави“.

„Ја сакавте цела Украина, сега губите рафинерии“

Тој повтори дека Киев е подготвен за завршување на војната. Но, Украина, според него, нема да ги прифати условите на Москва за отстапување територии.

Зеленски директно му се обрати и на претседателот на Русија Владимир Путин.

– Сакавте да ја земете цела Украина, наместо тоа ги изгубивте вашите рафинерии за нафта, вашата флота, вашиот профит, цела генерација што ја испративте во кланица. Нема да им дозволиме да ги измамите Европа и целиот свет убедувајќи ги дека Украина само треба да се откаже од Донбас и дека сè ќе заврши наскоро.

На Варшава ѝ пречи Пантеонот на херои

Празничниот ден донесе и ново заладување меѓу Киев и Варшава.

Полска ја предупреди Украина поради планираниот Национален меморијал на хероите во Киев. Спорен е планот во Пантеонот да им се оддаде почит и на припадници на Украинската востаничка армија.

– Здрава форма на национализам понекогаш е прифатлива, но овде зборуваме за шовинизам, идеологија која е блиска до нацизмот – рече Марчин Пшидач, советникот за надворешна политика на полскиот претседател.

Поврзани содржини