„УКРАИНА НИКОГАШ НЕМАШЕ НИ ДА ВЛЕЗЕ ВО НАТО“ За што си намигнуваа Зеленски и Путин пред војната и што е Член 5?
Украинските преговарачи понудија да се откажат од членството во НАТО и да ја прифатат руската окупација на делови од нивната територија. Сепак, тие одбија да го признаат рускиот суверенитет над нив. Русија, запрепастена од жестокиот отпор на Украина, се чинеше отворена за таков договор, но на крајот се повлече од клучната компонента: аранжман кој ги обврзува другите земји да ја одбранат Украина доколку таа некогаш биде повторно нападната.
Русија и Украина имаа три средби на почетокот на војната за да разговараат за условите за мир. Станува збор за средби одржани во Белорусија, преку видео повик, како и во Истанбул. Разговорите пропаднаа бидејќи двете страни останаа заробени на бојното поле, но претходно преговарачите подготвија неколку нацрт-договори кои требаше да ја гарантираат идната безбедност на Украина со исполнување некои од барањата на претседателот Владимир Путин, пишува Њујорк тајмс.
Новинарите на американскиот дневен весник дојдоа до низа документи и разговараа со неколку десетици извори за да направат слика од преговорите во тие први денови од војната.
Анализата на документите покажува дека двете страни се судрија околу нивото на украинско вооружување, условите за потенцијално членство на Украина во Европската унија и околу делови од законите за украинскиот јазик и култура кои Русија сакаше да ги укине.
Украинските преговарачи понудија да се откажат од членството во НАТО и да ја прифатат руската окупација на делови од нивната територија. Сепак, тие одбија да го признаат рускиот суверенитет над нив. Русија, запрепастена од жестокиот отпор на Украина, се чинеше отворена за таков договор, но на крајот се повлече од клучната компонента: аранжман кој ги обврзува другите земји да ја одбранат Украина доколку таа некогаш биде повторно нападната.
„Њујорк тајмс“ ги објави нацрт-договорите од 17 март и од 15 април 2022 година, во кои се прикажани спротивставени предлози и точки на договор од двете страни, како и приватно соопштение од разговорите во Истанбул на 29 март кои го сумираа предложениот договор. Украина направи значителна отстапка: беше подготвена да стане „трајно неутрална држава“ која никогаш нема да влезе во НАТО или да дозволи странски сили да се засноваат на нејзина почва. Се чинеше дека понудата одговори на основната жалба на Путин – дека Западот ја користи Украина за да ја уништи Русија.
Список од 7 точки
Иако двете страни учествуваа на редовни видео-состаноци по првиот состанок на делегациите одржан во Белорусија, нацрт-договорот од 17 март покажува колку тие се оддалечени во нивните барања. Украина побара од Русија да се согласи со меѓународните безбедносни гаранции според кои другите земји, вклучително и украинските сојузници кои исто така би го потпишале договорот, би ја одбраниле доколку повторно биде нападната.
Украина сакаше договорот да се однесува на украинските „меѓународно признати граници“, иако руските сили во тоа време сѐ уште се обидуваа да го заземат Киев. Од друга страна, пак, рускиот тим сакаше Украина и сите други потписнички на договорот да ги укинат санкциите кон Москва што ги воведоа од 2014 година и јавно да ги повикаат другите земји да го сторат истото. Украина требаше да го отстапи целиот источен Донбас и да го признае Крим како дел од Русија.
Списокот од седум точки беше насочен против украинскиот национален идентитет, вклучително и забрана за именување места по украинските борци за независност. Нацртот вклучуваше ограничувања на вооружените сили на Украина и бројот на тенкови, воени бродови и борбени авиони кои земјата може да ги има во својот арсенал. Украинците беа подготвени да прифатат такви ограничувања, но тие бараа многу поголеми граници.
Поранешен висок американски функционер, запознаен со преговорите, тврдеше дека Путин е заинтересиран за таков договор бидејќи украинските сили жестоко го одбиваат рускиот непријател. Сепак, американските власти беа вознемирени од условите.
– Вие разбирате дека ова е еднострано разоружување, нели? – им рекол висок функционер на украинските колеги на еден од состаноците.
Власта на Полска, која беше ран и силен застапник на Украина, стравуваше дека Германија или Франција би можеле да се обидат да ги убедат Украинците да ги прифатат руските услови, а според еден европски дипломат, тие сакале да го спречат тоа да се случи. За таа цел, кога полскиот претседател Анджеј Дуда се сретна со лидерите на НАТО во Брисел на 24 март, тој им го дал текстот од 17 март.
– Кој од вас би потпишал? – ги прашал Дуда колегите.
Никој не проговорил.
„Не знаеме дали Путин е сериозен“
Неколку дена подоцна, на 29 март претставниците на Русија и на Украина се сретнаа во Истанбулската палата на Босфорот. За некои, разговорите изгледаа како напредок поттикнат од неуспесите на Русија на бојното поле.
Во Истанбул, Русите се чинеше дека го поддржуваат украинскиот модел на неутралност и безбедносни гаранции, како и дека ставаат помал акцент на нивните територијални претензии. Подоцна, главниот руски преговарач Медински рече дека понудата на Украина за неутралност значи дека таа е „подготвена да ги исполни главните барања на кои Русија инсистираше сите овие години“.
Украина го сумираше предложениот договор во документ од две страници што го нарече „Истанбулско коминике“ кое никогаш не го објави. Статусот на Крим требаше да се решава во период од 10 или 15 години, при што Украина вети дека нема да се обидува насилно да го врати полуостровот.
Зеленски и Путин требаше лично да се сретнат за да го финализираат мировниот договор и да постигнат договор за тоа колкав дел од украинската територија Русија ќе продолжи да окупира.
Руските власти испратија мешани сигнали до јавноста за тоа дали Кремљ е подготвен да го потпише договорот. Русите и Украинците се вратија на повеќечасовните преговори преку видео-повик, разменувајќи нацрт-договори преку апликацијата „Вотсап“.
На почетокот на април, откако Русија се повлече од предградијата на Киев, сликите на масакрирани цивили во предградието Буча го шокираа светот. За Украинците, идејата дека нивната земја може да постигне компромис со Русија изгледа подалечна од кога било. Сепак, Зеленски, кој беше во посета на Буча на 4 април, рече дека разговорите ќе продолжат.
„Колеги, разговарав со РА. Тој вчера разговараше со својот шеф час и половина“, напиша главниот украински преговарач Дејвид Арахамија во пораката на „Вотсап“ до украинскиот тим на 10 април.
„РА“ беше Роман Абрамович, рускиот милијардер кој имаше улога зад сцената во разговорите. Негов „шеф“ беше, се разбира, Путин, кој ги повика преговарачите да се концентрираат на клучните прашања и бргу да ги решат, според Арахамија.
– Не знаевме дали Путин е сериозен. Не можевме да кажеме дали луѓето што зборуваат се овластени да го сторат тоа. – изјави поранешен висок американски функционер за настанот.
Еден украински преговарач рече дека верува оти разговорите биле блеф од страна на Путин, додека, пак, другите двајца ги опишаа како сериозни. На 15 април, 5 дена откако Абрамович им кажа на Украинците за средбата со Путин, руските преговарачи испратија нацрт-договор од 17 страници до бирото на нивниот претседател. Преговарачите се согласија Украина да биде прогласена за трајно неутрална иако ќе и биде дозволено да се приклучи на Европската Унија. Голем дел од договорот „нема да важи“ за Крим и за друг дел од Украина што треба да се утврди – што значи дека Киев ќе прифати руска окупација на дел од својата територија без да го признае рускиот суверенитет над неа.
Член 5
Но, клучните точки остануваат нерешени. Русија сакаше дострелот на украинските ракети да биде ограничен на 40 километри, додека, пак, Украина сакаше 280 километри – доволно за да погоди цели на Крим. Русија сепак сакаше Украина да ги укине законите поврзани со јазикот и националниот идентитет и да ги повлече украинските војници како дел од прекинот на огнот.
Најголемиот проблем, сепак, се појави во Член 5. Во него беше наведено дека, во случај на нов вооружен напад врз Украина, „земјите гаранти“ кои ќе го потпишат договорот -Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција – ќе застанат во одбрана на Украина.
На разочарување на Украинците, имаше клучно отстапување. Русија вметна клаузула дека сите земји гаранти, вклучително и Русија, мораат да одобрат одговор доколку Украина биде нападната. Ова значеше дека Москва би можела повторно да ја нападне Украина и потоа да стави вето на секоја воена интервенција во име на Украина. Тоа беше навидум апсурден услов што Киев го отфрли како кршење на договорот.
– Потоа немавме интерес да ги продолжиме разговорите – изјави еден член на преговарачкиот тим.
Две години подоцна, сѐ уште нема индикации дека Русија и Украина би можеле да се вратат на преговарачката маса.
Дури и пред последното барање на Путин пред почетокот на швајцарскиот самит, експертите рекоа дека е тешко да се замисли враќање на договорот за кој се разговараше во 2022 година. Украина е порешителна од кога и да е да влезе во НАТО, а тоа е пораката што планира да ја нагласи на претстојниот состанок во Вашингтон.
Експертите веруваат дека крајот на борбите може да биде „збунувачко примирје“.
Професорот по меѓународно право на Кембриџ, Марк Велер, кој е специјализиран за мировни преговори, очекува водечките западни земји да се фокусираат на одбраната на идната борбена линија на Украина со Русија.