УКРАИНА БЕШЕ ГЛАВНА ТЕМА Што си кажаа Путин и Џонсон?
Британскиот премиер исто така нагласил дека секој натамошен упад на Русија на украинска територија би било трагична погрешна пресметка.
Британскиот премиер Борис Џонсон му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека секој упад во Украина би бил трагична погрешна пресметка, соопштија од кабинетот на Џонсон за време на нивниот телефонски разговор.
– За време на разговорот со рускиот претседател, премиерот изрази длабока загриженост поради актуелната непријателска активност на Русија на украинската граница – изјави портпаролот на британската влада.
Како што е наведено, Џонсон укажал на потребата да се најде начин кој ќе го почитува и територијалниот интегритет на Украина и правото на самоодбрана.
Британскиот премиер исто така нагласил дека секој натамошен упад на Русија на украинска територија би било трагична погрешна пресметка.
– Лидерите се согласија дека влошувањето не е во ничиј интерес. Премиерот ја истакна важноста на дијалогот и дипломатијата, како и потребата да се вклучи Украина во преговорите. Џонсон и Путин ја поздравија неодамнешната билатерална комуникација за прашања како што се климатските промени, Иран и Авганистан и се согласија да го применат овој дух на дијалог на актуелните тензии со цел да се најде мирно решение – се вели во соопштението на Кабинетот на британскиот премиер.
Пред повикот, кој требаше да се одржи на почетокот на оваа недела, но беше одложен затоа што Џонсон се бори против повиците на домашната политичка сцена да поднесе оставка, портпаролот на Кремљ го исмеваше британскиот лидер и „глупавоста и незнаењето“ на британските политичари.
Официјален Кремљ потврди дека Путин и Џонсон во текот на вчерашниот ден детално размениле мислења за внатрешната украинска криза, пренесува ТАСС.
– Путин, меѓу другото, ги разгледа клучните пристапи на Русија по ова прашање, а посебно беше истакнато дека Киев хронично ги саботира договорите од Минск – се наведува во соопштението на Кремљ.
За време на разговорите со британскиот премиер, рускиот претседател ја забележал и неподготвеноста на НАТО адекватно да одговори на загриженоста на Москва во однос на безбедносните гаранции, соопшти прес-службата на Кремљ.
Џонсон го посети Киев еден ден претходно, каде разговараше за актуелните тензии со Русија со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а во заедничката изјава по состанокот предупреди дека секој руски напад врз Украина ќе биде голема грешка, ветувајќи дека двете земји ќе работат заедно на одбранбените капацитети на Киев.