УКРАДЕНИ КАБЛИ ВРЕДНИ 440.000 ЕВРА Обвинителството покрена истрага против полицаецот од Аеродром и тројцата соучесници

Полицаец од Скопје осомничен за тешка кражба на кабли во „Железара“. Обвинителството бара притвор, а МВР најави суспензија и дисциплинска постапка.

1,072

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против полициски службеник од Полициската станица Аеродром, осомничен дека заедно со тројца соизвршители учествувал во голема кражба на бакарни кабли во кругот на фабриката „Железара“ во Скопје.

Од Обвинителството потврдуваат дека станува збор за тешка кражба извршена во повеќе наврати, со која била предизвикана огромна материјална штета.






– Обезбедените докази укажуваат дека осомничениот, иако полициски службеник, бил директно вклучен во извршувањето на делото заедно со тројца соизвршители против кои веќе се води постапка – велат од ОЈО Скопје.

Според обвинението, групата од објектот на „Полуконти – ИГМ“ и преку подземни тунели низ кои поминуваат електрични кабли, украла повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на АД ЕСМ – Електрани на РСМ и Макстил АД Скопје. Вкупната штета се проценува на околу 440 илјади евра, а дополнително е предизвикан и пожар во трафостаницата ТС Југ, чија санација чинела уште 100.000 евра.

– Осомничените користеле апарати за проверка на напон и со батериска брусалка ги сечеле каблите. Поради нивното дејствување, настанал и пожар кој го нарушил електричното снабдување во делови од градот – велат од Обвинителството.

Од МВР потврдија дека полицаецот Н.А. бил суспендиран и против него ќе се води и дисциплинска постапка.

– Со оваа постапка испраќаме јасна порака дека никој не е над законот, па ни оние кои треба да го спроведуваат – нагласија од Одделот за внатрешна контрола.

Против сите осомничени обвинителството веќе поднесе предлог за мерка притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

Поврзани содржини