Околу еден тон риба, речна пастрмка, угинала вчера во рибникот „Рајска долина“ кај месноста Речица во близина на охридското село Куратица, пишува Охридњус.
Според сопствениците на рибникот, причина за поморот е недостаток на кислород во водата, односно дотур на свежа вода од локалната река, на која има една централа, а уште една е во изградба.
– Не е прв пат да се случува ова. Проблемот, според нас, лаички кажано, е тоа што хидроцентралата која се наоѓа на околу петстотини метри од нас, нема автоматска клапна која во случај да снема електрична енергија ќе го запре дотокот кон турбината и ќе ја пренасочи водата во цевка ф -1.000 за да се обезбеди минимум вода во реката од која со вода се снабдува нашиот рибник. Доколку е така никогаш не би останале без вода. Во спротивно треба хидроцентралата да има 24 часовно физичко обезбедување кое навремено ќе реагира во случај на некаков проблем, со што ќе се спречат вакви последици, на што сме укажувале во неколку наврати. – изјави Тони Јованоски од рибникот „Рајска долина“.