УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ УЧАТ ОД НОВИ УЧЕБНИЦИ Училиштата да ги пријават оштетените книги за да бидат заменети
Министерството за образование и наука и Педагошката служба, која е во негов состав, имаат издвоено средства за замена на сите оштетени учебници. Министерката Весна Јаневска денеска апелираше училиштата да се обратат доколку имаат потреба за нов тираж учебници за учениците да бидат мотивирани да учат од неоштетени учебници.
На прес-конференција таа рече дека деновиве прима многу поплаки од родители кои се пожалиле дека на нивните деца им биле дадени оштетени учебници, некои и со пообемно оштетување. Потсети на законската обврска секое училиште да формира комисија која ќе ги провери учебниците што ги враќаат учениците од претходната година, да процени дали се во добра состојба за да им се предадат на следна генерација ученици или треба да бидат заменети.
– Под надзор на директорот на училиштето, таа комисија треба да ги издвои настрана оштетените учебници и потоа од МОН да побара тие учебници да бидат обновени односно да се обратат до Педагошката служба и во отворен електронски систем да пријават колку учебници им недостигаат за ние да може да набавивме нови учебници. За жал, во изминатите години властите, исто така, се соочувале со овој предизвик и тој постојано не бил решаван. Овојпат јавно се обраќам до сите дека МОН и Педагошката служба имаат издвоено средства за сите оштетени учебници да бидат заменети за учениците да не бидат демотивирани дека им фалат страници и да не можат да прочитаат, па и наставниците да се чувствуваат исто така – рече Јаневска.
Оштетени учебници се пријавуваат во текот на мај, а Педагошката служба го продолжила рокот. За разлика од лани, пријавени се трипати повеќе оштетени учебници за кои е потребна замена, односно 18.000 наспроти 6.000. Доколку има потреба, системот за пријавување повторно ќе биде отворен за да биде дополнет тиражот за обнова на учебници.
Замената на овие, засега 18 000 учебници, се дел од над 500 000 учебници што ги обезбедува МОН за сите предмети во основното и во средното образование. Годишно, во просек, за набавка на учебници Министерството издвојува околу 660 милиони денари.
Јаневска на прес-конференцијата соопшти и дека на 1 септември ќе ги има сите учебници, вклучително и за странски јазици од прво до деветто одделение. За седмо одделение ќе има учебници по нова програма откако беа направени измени на Концепцијата и предметите, како историја и географија, хемија и физика, на барање на наставниците и родителите, се учат издвоено наместо интегрирано.
-Оваа година ќе има полн тираж за седмо одделение во целата држава, нови учебници по нова програма. Нови учебници по нова програма ќе има и за први клас гимназиско образование. Тие процедури се при крај и веќе сме подготвени да почнеме со се што е потребно за на 1 септември училиштата да бидат спремни, истакна Јаневска.
МОН во текот на летото, рече, ќе работи опсежно и нема да користи годишни одмори затоа што најмногу обврски има токму во летниот период – „печатење, откуп на учебници, уписи во средните училишта, квотите на факултетите“. Порача дека МОН им е на располагање на директорите, на наставниците и на високото образование доколку имаат какви било потреби за комуникација.
На учениците им посака пријатен одмор со порака „забавата да биде балансирана со читање лектири, со обновување материјал што не бил совладан и, евентуално, со подготовка на следната година“.
Јаневска посочи и дека во учебната година што заврши, за околу 17 000 е помал бројот на основци и средношколци отколку пред седум години, што најмногу се должи на иселувањето. На странски универзитети студираат околу 5000 македонски студенти.