(ОБНОВЕНО) ПОЧИНАТИОТ МАКЕДОНЕЦ ВО СОФИЈА НАЈВЕРОЈАТНО СЕ ПРЕДОЗИРАЛ Македонското МНР ја контактирало Софија, информирано е и семејството
Официјално, телото е предадено на обдукција и не се знаат причините за смртта. Според некои од неговите пријатели, станува збор за убиство, но тоа се премолчува.
Телото на македонскиот државјанин во Софија било пронајдено на 17 декември околу 21 часот и од првичниот увид нема траги на насилство и најверојатно станува збор за предозирање. Ова го потврди дописникот на МИА од Бугарија, кој јавува дека телото било пронајдено близу трговскиот центар „Парадајз“ и дека се работи за 26-годишник. Телото е испратено на Одделот за судска медицина.
Министерството за надворешни работи информира дека веднаш по добиената информација за пронаоѓање на телото нашиот државјанин С.С. во Софија, преку Амбасадата на земјава во Бугарија, стапило во контакт со бугарските надлежни органи, од кои се добиени првични информации за случајот. Преку МВР веќе е стапено во контакт со семејството на починатиот во земјава и тие се информирани за случајот.
Во соопштението на МВР се посочува дека Министерството и Амбасадата во Софија стојат на располагање за комуникација и асистенција, како и во постојана и непосредна комуникација со надлежните органи на Бугарија кои ја водат истрагата.
Претходно, Плусинфо објави дека според објавите на пријателите на починатиот, се работи за Стојан Спасов. Повеќето од пријателите на починатиот биле спортисти кои се занимаваат со боречки вештини, во кои спаѓал и Спасов.
Според нив, Спасов бил спортист од Виница, кој веќе неколку месеци живеел во Софија. Веста за смртта на Спасов не била објавена во бугарските медиуми, туку преку социјалната мрежа Инстаграм, од каде дознале и неговите пријатели и роднини. Според некои од нив, станува збор за убиство, но тоа се премолчува. Во нивниот пријател наводно било пукано со огнено оружје. Официјално, телото е предадено на обдукција и не се знаат причините за смртта.
„Апелирам до медиумите да ја објават веста за неговата смрт. Истовремено апелирам до македонската полиција и до македонските служби да помогнат во обдукцијата, да се дознае вистинската причина за смртта и да помогнат за враќање на телото во нашата држава“, напиша на Фејсбук Бобанчо Боби Илиевски, еден од пријателите на Спасов.