УАПСЕНИ ДВАЈЦА БУГАРСКИ ИНСПЕКТОРИ КОИ БАРАЛЕ МИТО ОД ТИМОТ НА РОБИ ВИЛИЈАМС Некои од возачите на ѕвездата платиле 300 евра поткуп

Бугарската агенција за контрола на сообраќајот суспендирала двајца вработени поради барање мито од возачите на камионите со опрема за концертот на британскиот пејач Роби Вилијамс во Софија, објави бугарската новинска агенција БТА.

199

Европската турнеја на британската музичка ѕвезда Роби Вилијамс се најде во центарот на корупциски скандал во Бугарија. Двајца службеници од сообраќајната контрола се суспендирани и обвинети, откако наводно барале мито од возачите кои пренесувале опрема за концертот на пејачот во Софија.

Според бугарските медиуми, пет камиони биле запрени на контролниот пункт „Црна мачка“ на 25 септември, каде што возачите биле испрашувани за нивните брзиномери. Инспекторите користеле гугл транслејт за да комуницираат со возачите и, како што се тврди, барале незаконски плаќања. Некои од возачите под притисок платиле од 200 до 300 евра, додека други одбиле.






По пријавата, бугарското обвинителство извршило претреси на домовите, канцелариите и автомобилите на вклучените службени лица, при што кај нив биле пронајдени 43.000 евра и над 5.000 лева, дел од нив скриени дури и во пакувања од цигари. Обвинителството во Софија поднело обвиненија за поткуп, а двајцата службеници биле задржани 72 часа пред официјалното поднесување на обвинението.

Министерството за транспорт потврдило дека инспекторите се суспендирани, а според дел од бугарските извори – и отпуштени од работа. Случајот ја отвори темата за корупција во институциите задолжени за контрола на транспортот.

Иако тимот на Роби Вилијамс засега не коментирал јавно, скандалот ја засени турнејата со распродадени концерти низ Европа.

Британскиот пејач настапил во бугарската престолнина Софија во неделата вечер како дел од неговата турнеја „Бритпоп“.

Поврзани содржини