ТУЖЕТЕ ЈА ДРЖАВАТА ЗА ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ Врховниот суд пресуди дека масовно ни е прекршено правото на чиста и здрава средина

Судот денеска утврди начелен став дека надлежните јавни органи ни го повредуваат уставно загарантираното право на здравје со тоа што не превземаат ништо за да го подобрат квалитетот на воздухот.

2,380

Државата, согласно националната и меѓународната правна регулатива, е должна да обезбеди здрава животна средина, а со непреземањето дејствија од страна на надлежните јавни органи се повредува уставно загарантираното право на гражаните на здрава животна средина. Ваков начелен став за правото на здрава животна средина и за загадувањето на воздухот донесе денеска Врховниот суд на општа седница.

„Согласно националната и меѓународна правна регулатива, Државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу што и чист воздух, како поединечно право на граѓаните. Граѓаните како странка во управна постапка, можат да бараат да се задолжат надлежните органи да ги донесат Основните плански документи, од член 23 од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, како Општи акти“, се наведува во Начелниот став на Врховниот суд.






Претседателката на Судот, Беса Адеми, истакна дека правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско и човеково право, кое е непосредно поврзано со унапредувањето на здравјето на граѓаните и со законски пропишаните обврски и должности за заштита на животната средина.

„Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Пристапот до здрава животна средина е основно човеково право, на што упатува и Советот за човекови права на Обединетите нации“, истакна претседателката на Врховниот суд Адеми.

Таа додаде дека прашањето е важно и од аспект на Европската конвенција, Советот на Европа, Европскиот суд за човековите права и Европскиот суд на правдата.

Професорот Борче Давитковски истакна дека правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право и дека секој има право на информации за животната средина, односно за загадувањето на воздухот, согласно конвенциското право и домашното законодавство.

„Согласно Уставот, секој може да бара заштита на своето право, посебно во ситуација кога јавните органи не ги презеле дејствијата кои согласно законот биле должни да ги преземат. Од големо значење е што судската власт застанува во одбрана на правата и интересите на граѓаните“, истакна проф. Давитковски.

Според него, судската власт е коректив на другите власти и преку својата отвореност кон јавноста, Врховниот суд дава исклучителен придонес за јакнење на јавната доверба, особено што Општата седница расправа за прашања кои се од интерес на граѓаните и човековите права.

 

Судијата Џемали Саити истакна дека секој човек има право на здрава животна средина и дека во остварувањето на тоа право се применуваат и одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконити акти и дејствија.

Судијата Анита Бошковска, која нагласи дека утврдувањето на начелниот став е од големо значење како за граѓаните и јавниот интерес, така и за судството.

Судијата Мирјана Лазарова Трајковска подвлече дека најзначајниот аспект е дека не секогаш со чинење се повредуваат правата, туку многу поголеми повреди може да бидат извршени со нечинење. Во оваа насока, судијата Лазарова Трајковска потенцираше дека правото на здрава животна средина, а во смисла на судската заштита, подразбира и право на пристап до суд.

Поврзани содржини
na