„Турското ропство“ оди во историјата, наставниците ќе користат друг термин
Ова прашање не е нешто ново и веќе одамна се избегнува употребата на терминот „турско ропство“, поради тоа што во тој период немало робови во земјата. Јас како професор по историја повеќе ги употребувам термините, османлиска власт, управа и слично, вели професорот по историја Борче Милошевски.
Да не се користи терминот „турско ропство“, бидејќи тој термин е навредлив за учениците од турска националност. Ова им било посочено на наставниците од Општина Аеродром за време на обуката што ја одржало Министерството за образование (МОН) од 5 до 9 мај во СУГС „Владо Тасевски“ во Скопје, открива актерот Сашо Тасевски преку Фејсбук.
Како што истакнува Тасевски, дел од наставниците се побуниле и прашале како да ги предаваат лекциите за Илинденското востание без да ги спомнат Турците.
„На само еден ден по 4 мај, смртта на Гоце Делчев, побарале од даскалите во иднина да не употребуваат термин турско ропство, зашто тоа би било навредливо ако има Турче во одделението. Се кренале тука даскалите на нозе и станало драматично.
Како да предавам за Илинденско востание и за Македонска крвава свадба на Чернодрински? Што да им кажам зошто се случило востанието, од што им било фино на луѓето? Што да им кажам за јаничарите и данокот во крв? За беговите и нивните хареми со киднапирани Македонки од нива? Луѓе, се наоѓаме под офанзива на глутница велепредавници во власта поддржана од разни енџиоа. Мора да се реагира. За вакви милост не смее да има. Мора да се тргнат. Само не знам дали ќе сакаат со убаво. Јас би со убаво. Ама не знам дали ќе сакаат така“, пишува Тасевски на Фејсбук.
Одговор побаравме од МОН, но безуспешно. Единствено од СУГС „Владо Тасевски“ ни одговорија дека Бирото за развој побарало простории во ова училиште и дека обуки со наставници се одржале.
Го прашавме професорот по историја Борче Милошевски од средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, како би им ги предавал на неговите ученици лекциите од тој период без да го спомене терминот „турско ропство“.
– Ова прашање не е нешто ново и веќе одамна се избегнува употребата на терминот „турско ропство“, поради тоа што во тој период немало робови во земјата. Јас како професор по историја повеќе ги употребувам термините, османлиска власт, управа и слично. Точно е дека народот имал лоши услови за живот, па поради тоа и била огранизирана национална борба за власт со цел создавање на своја самостојна држава. И во периодите кои следеле, луѓето не биле робови, туку само биле под власт на некоја друга држава, а тоа не е ропство – објасни професорот Борче Милошевски.