ТРОЈЦАТА ОСОМНИЧЕНИ ОД ГОСТИВАРСКИ КОМУНАЛЕЦ ИЗВЕДЕНИ ПРЕД СУДИЈА Истрагата продолжува, за мерките ќе се соопшти подоцна

Пред судија на претходна постапка беа изведени вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ - Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Даути.

515

Тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар денеска се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар откога Основното јавно обвинителство отвори истрага против нив за кривичното дело тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејства на загадување на водата за пиење.

Пред судија на претходна постапка беа изведени вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Даути.






Според Обвинителството, осомничените како соизвршители на 25 јуни наложиле поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора на системот за водоснабдување со цел да го тестираат притисокот на водата. При увидот извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку нив се вршело пренесување вода со штетни материи во системот за вода за пиење.

Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од површинскиот канал е многу загадена и неупотреблива за каква било намена, а загадување било констатирано и во примероците од каптираниот извор и од водоводната мрежа, поради што Обвинителството оцени дека постои основано сомнение за сторено кривично дело.

За мерките што ќе им бидат определени на осомничените ќе одлучи судија на претходна постапка. Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека истрагата продолжува со преземање дополнителни истражни дејства.

Поврзани содржини