МАКЕДОНСКАТА ГЕОСТРАТЕШКА ПОЛОЖБА МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИВЛЕЧНА ЗА ИНДИСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ Сиљановска Давкова ја пречека претседателката на Индија

Посетата на Друпади Мурму е прва посета на претседател на Република Индија на Македонија.

132

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на свечена церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека Друпади Мурму, која е прв претседател на Република Индија кој дошол во официјална посета на Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова, по тет-а-тет средбата следел пленарен состанок на македонската и на индиската делегација.






Предмет на разговорот беа актуелните македонско-индиски односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација.

Соговорничките разменија мислења за глобалните состојби, укажувајќи на потребата од почитување на меѓународното право и мирното решавање на споровите.

За Сиљановска Давкова, посетата е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на соработката. Во заедничкото хумано наследство на Света Мајка Тереза, како и во искуството од Движењето на неврзаните, таа препознава цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи.

Според неа, македонската геостратешка положба, инфраструктурните коридори и лесниот пристап до европскиот пазар, може да бидат од особен интерес за индиските инвеститори.

Друпади Мурму оцени дека нејзината прва посета на државава е историски момент и изрази волја за нова динамика во сестраното партнерство меѓу двата народа.

Според обете, политичкиот дијалог и меѓуинституционалната соработка се претпоставки за продлабочувањето на севкупните односи.

Поврзани содржини