ТРИПУНОВСКИ ГО ПОТСЕТИ НИКОЛОВСКИ ЗА ОРИЗОТ Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поднесе предлог законот за оризот да биде стратешка култура, а не СДСМ
Статистиката која е во негативен тренд го демаскира министерот во неговите лаги, дека во 2016 година сме имале над 5000 хектари коишто биле под оризови полиња, а во 2022 согласно последните податоци оваа површина паѓа на 3000 хектари - истакнува дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Тоа што СДСМ не го направи седум години, министерот Љупчо Николовски сега им го ветува на оризопроизводителите, истакна дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Охридскиот регион, Трипуновски го потсети министерот Николовски дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а не СДСМ го усвои предлог законот за оризот да биде стратешка култура.
-Го гледам министерот Николовски во овој предизборен период, иако ги преспа овие 2500 дена како власт, како се растрчал низ Македонија, помеѓу оризопроизводителите ветува дека оризот ќе бил стратешка култура. Иако, во име на вистината, мораме да потенцираме дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и комисијата за економски прашања го усвои овој предлог закон, односно закон за стокови резерви и оризот давлезе во стратешка култура. Тоа што власта имаше рок од седум години да го направи, не го направи – истакна Трипуновски.
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство исто така го потенцираше и големиот проблем во Кочанскиот регион со снабдувањето со вода затоа што како што рече, системите се оставени на милост и немилост, не се инвестира во нивното одржување со што се доведува во прашање и оризопроизводството.
Наспроти тоа, министерот Љупчо Николовски од посетата на Оризари најави почеток на годинешната сезона за наводнување на земјоделските површини и истакна дека оризопроизводителите веќе добиваат вода до своите ниви, како и дека фокусот е на „инвестирање во модернизација на водостопанската инфраструктура.
– Квалитетен и навремен пристап до вода за земјоделските површини, е клучна за стабилно и конкурентно земјоделско производство. Денеска од селото Оризари, кочанско, најавувам почеток на годинешната сезона за наводнување на земјоделските површини. Оризопроизводителите до своите ниви веќе добиваат вода. Токму затоа нашиот фокус, сите овие години, но и во иднина, е инвестирање во модернизација на во водостопанската инфраструктура, преку реконструкција на постојните системи за наводнување и изградба на нови брани и нови системи за наводнување, до секоја една земјоделска површина – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски од Оризари.
Тој истакна дека годинава се зголемени површините под ориз.
– После повеќе години, секое поле, и мало и големо се сеат со ориз, а оваа година површините под ориз се зголемени за повеќе од 200 хектари, со што вкупно се наводнуваат 3.700 хектари под ориз, а заедно со други култури, кој во овој регион се обработуваат достигнуваме до површина за наводнување од 4.200 хектари – истакна Николовски, дополнувајќи дека ваквото зголемување на површините под ориз доаѓа како резултат на успешните мерки, што изминативе години се креирани кон оризопроизводителите.
Трипуновски како одговор изнесе други податоци.
– Статистиката која е во негативен тренд го демаскира министерот во неговите лаги, дека во 2016 година сме имале над 5000 хектари коишто биле под оризови полиња, а во 2022 согласно последните податоци оваа површина паѓа на 3000 хектари. Разликата е огромна и 2000 хектари помалку под ориз. Тоа е затоа што власта изминативе години не покажа ниту сенс ниту грижа да ја задржи оваа битна стратешка култура – дополни Трипуновски.