Трипати повисокиот данок на имот нема да ги наполни општинските каси

Општините сметаат дека треба прво да се подобрат нивните административни капацитети па да се бара тие да наплаќаат даноци.

870

Предлог-измените на Законот за даноците на имот, со кои се предвидува трипати повисока стапка на данокот за недвижен имот кој не се користи од страна на сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, сѐ уште е во Собранието. Измените уште во април го минаа првиот филтер, но не се знае кога пратениците повторно ќе се вратат на нив.

Планот на Владата која ги подготви овие измени на Законот за даноци на имот е тие да стапат на сила од 1 јануари следната година. Прогресивно оданочување на имотот според очекувањата на владата треба позитивно да влијаат на општинските каси. Со него се опфаќа недвижен имот кој е во сопственост на државата или на општините, општините во Градот Скопје и на Градот Скопје, како и во сопственост на физички и правни лица.






Општините, иако се согласуваат со фактот поимотните да плаќаат и повеќе данок, не очекуваат многу да ја подобрат финансиската состојба со трипати повисоката стапка на данокот за недвижен имот кој не се користи од страна на сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година.

– Даноците се мала ставка во буџетот на општините. Ако сакаат општините да реализираат самостојно капиталните проекти треба да бидат и финансиски понезависни од централната власт, односно да се заврши почнатата финансиска децентрализација која предвидува и поголем процент од персоналниот данок и Данокот на додадена вредност да завршува на нивна сметка. Распределбата на парите треба да оди соодветно според бројот на население на локалните самоуправи. Тука уште ништо не е променето, па општините сега на располагање ги имаат само брок-дотациите и со години истиот процент од ДДВ-то – вели градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Тој смета дека е добро граѓаните кои имаат поголем имот и да плаќаат повисок данок, но треба да се подобрат и капацитетите на општините за да можат да ги собираат даноците и да се справат со тие што не ги плаќаат.

– Секако треба да се обезбеди пропорционална распределеност на товарот што го имаат граѓаните. Социјалните случаи сигурно немаат по два-три стана, викендички, куќи, бидејќи тогаш и не би ги исполнувале критериумите да бидат социјални случаи. Но, оние кои се поимотни ќе треба да платат повеќе за тоа што го имаат – вели Димитриевски.

Според него, колку и да се зголемуваат даноците, ако општините немаат капацитет да ги соберат, нема да има ефект од тоа.

– Дел од општините не се во состојба ниту да изготват решение за данок бидејќи немаат капацитети, некои немаат ниту даночни одделенија. Прво треба да се изградат нивните капацитети, па дури потоа да се очекува тие да наплаќаат даноци. Се разбира, некои од општините како Куманово во изминатиот период ја зголемија наплатата преку реализирање на системот од изготвување на решението до негово по потреба и присилно извршување, но дел од општините тоа и не можат да го сторат. Реално, ако на граѓанинот не му изготвиш и доставиш решение дека треба да плати данок, како може да се очекува тој да го плати – вели Димитриевски.

И даночните експерти сметаат дека овие зголемени давачки нема да имаат никакво значење за приходите на општините. Проблем е слабата наплата на даноците од страна на општинските администрации и селективноста при наплатата.

Според нив, прво треба да се натераат тие што не плаќаат да го плаќаат данокот на имот, па потоа да се размислува за некакво зголемување на стапките. На Владата ѝ оставаат посериозно да размисли за тоа како да ги натера тие кои не плаќаат даноци да почнат да плаќаат.

Податоците кои неодамна ги презентира Центарот за граѓански комуникации, а се однесуваат на период од 2017 до 2019 година покажуваат дека граѓаните и фирмите во просек годишно исплаќале по 21 милион евра на своите општини за имотот што го поседуваат на нивното подрачје. Од нив 10,2 милиони евра собираат општините што го сочинуваат градот Скопје, а остатокот останатите 70 општини.

Прилеп, Велес, Гевгелија, Кавадарци, како и скопските Центар, Карпош, Ѓорче Петров, собрале над 90 отсто од предвидените суми. Тетово, Кичево, Липково и други не наплатувале ни по 60 отсто, а Гостивар, како поголема урбана општина со најслаба наплата, собрал само 40 отсто од предвидените пари. Послаби од тоа се само некои рурални општини, како Долнени, Маврово и Ростуше и Студеничани, додека Општина Арачиново не наплатила ниту еден денар од своите околу 13.000 жители по основ данок на имот. Општината ниту подготвила решенија, ниту имала даночно одделение.

Само седум општини, според ова истражување, успеале да го надминат прагот од 1.000.000 евра наплатен данок на имот, а 36 одвај стигнале и до 50.000 евра годишно.

Поврзани содржини