Како пратеници од струмичкиот регион поднесовме амандман на ребалансот на буџет, кој е во постапка, за прераспределба на 3,5 милиони денари за набавка на три амбулантни возила за болницата во Струмица, но, за жал, пред неколку дена власта овој амандман го одби со образложение дека не е потребна таква набавка, истакна денеска на прес-конференција Дајанчо Ефтимов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, синоќа пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов најави дека струмичката болница за два месеци ќе добие ново болничко возило, откако директорот на болницата Наќе Гогов преку Фејбук побара донации за да се купи амбулантно возило.
– Очигледно е дека власта или не ја знае состојбата во струмичката болница или не сака да ги помогне капацитетите, само затоа што предлог-амандманот на буџетот доаѓа од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Оттука сметам дека е крајно лицемерен одговорот на пратеникот Костадинов, кој исто така доаѓа од Струмица и кој најави дека интервентно ќе се обезбедувало возило за струмичката болница, кога истиот и власта од неговата партија можеа тоа да го направат со поддржување на амандманите на опозицијата, а доколку успееја да обезбедат и уште едно возило, дотолку подобро и за болницата и за граѓаните на Струмица. Патем Костадинов најавува, замислете итна набавка на болничкото возило дури после два месеци, а на болницата и требаат токму сега во услови на илјадници заболени дневно од коронавирус – истакна Ефтимов.