ТРИ ВОЗИЛА ИЗГОРЕА ВО ПОЖАР ВО БИТОЛА Се сомнева дека се работи за подметнување
Полицијата засега не открива дали се работи за намерен напад врз одредена фирма или лице, иако начинот на кој избувнал пожарот укажува на можност за кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Три патнички возила целосно изгореа во пожар што избувна ноќеска, околу 20 минути по полноќ, пред колективна зграда на улицата „Леринска“ во Битола. Според информациите од СВР Битола, се претпоставува дека огнот бил подметнат.
Првично избувнал пожар во возило од марката „Тојота Рав“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на приватна фирма, а потоа пламените јазици зафатиле уште две возила – „Пасат“ со тетовски ознаки и „Дачија“ со скопски регистарски таблички, исто така сопственост на приватни фирми.
Портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, изјави дека возилото „Тојота“ го користела С.К. од Битола.
– Интервенираа екипи од Противпожарната служба и спречија пошироко проширување на огнот. За среќа, нема повредени лица. Извршен е увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот – изјави Стаматова.
Полицијата засега не открива дали се работи за намерен напад врз одредена фирма или лице, иако начинот на кој избувнал пожарот укажува на можност за кривично дело „предизвикување општа опасност“.