ТРГНИ-ЗАСТАНИ СО ПРОГРЕСИВНОТО ОДАНОЧУВАЊЕ Власта се заплетка во сопствените калкулации

Експерти се сомневаат дека прогресивното оданочување ќе се воведе до изборите. Според нив, владата имаше доволно време да го анализира прогресивното оданочување, да се подготви и да го воведе, но очигледно е дека не е подготвена да го направи тоа или нема визија како да го реализира.

207

Очигледно е дека владата на СДСМ нема да го воведе прогресивното оданочување на доходот до изборите иако го најави како суштинско во програмските определби при нејзиниот избор и потроши 3 години за правење анализи, велат експерти.

Тоа, според нив, стана видливо откако премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими ја соопштија даночната реформа на која работеа неколку месеци. Тие рекоа дека даночната стапка кај овој данок останува 10 отсто.






Ден потоа, пак, потпретседателката на СДСМ и директорка на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска ги демантира со изјавата дека ова оданочување ќе биде воведено, но без избрзување, бидејќи во анализи кои се правени во изминатиот период е увидено дека ефектот од таквиот модел, со две прогресии кој требаше да биде воведен, не би бил позитивен.

– Кога ја направивме анализата за структурата на данокот на личен доход увидовме дека имаме најголем раст кај страната на платите и на приходите што ги имаат граѓаните од игрите на среќа. Дали ефектот од прогресивното оданочување тогаш би бил позитивен, сметам дека не. Затоа во иднина треба да направиме соодветна разлика и да го одбереме најдоброто, но да не биде избрзано – рече Лукаревска појаснувајќи дека тоа е причината да не се воведува прогресивното оданочување.

Бесими кога ги најави даночните реформи рече дека кај овој данок ќе се работи на подобрување на праведноста во оданочувањето, односно начелото на хоризонтална праведност ќе се замени со вертикална праведност која подразбира оданочување според економската моќ, а не според остварениот приход од личен доход.

Експерти се сомневаат дека прогресивното оданочување ќе се воведе до изборите. Според нив, владата имаше доволно време да го анализира прогресивното оданочување, да се подготви и да го воведе, но очигледно е дека не е подготвена да го направи тоа или нема визија како тоа треба да се реализира.

– Нејасни се дали ќе го спроведат или се откажаа од прогресивното оданочување. Прво изјавија дека се откажуваат, па по лавината реакции на јавноста дека им било изборно ветување, сега велат дека ќе го воведат. Но факт е дека имаа најмалку 3 години, ако го земеме само периодот во кој е одложена примената, да го изанализираат и воведат и се гледа дека беа неефикасни. Тоа зборува дека немаат визија како би требало да изгледа овој вид оданочување – вели професорот Трајко Славески.

Тој додава дека овој вид оданочување е многу сложен и е потребна поголема подготовка од таа за рамниот данок.

И даночниот експерт Павел Гацов смета дека владата имаше долг период да ги направи анализите за прогресивното оданочување.

– Очигледно е дека утврдија дека е превисока цената на воведување на овој данок и затоа го одолговлекуваат воведувањето и по 2024 година кога се изборите. Потоа можеби други, а не тие ќе размислуваат за тој данок. Но, факт е дека не е направена ниту инфраструктура за воведување прогресивното оданочување, а даночната администрација не е подготвена за тој процес. Не постои база на податоци која би се користела за пресметка на приходите на домаќинствата и поединците под услов да се воведува вертикално оданочување. Не се направени ниту дигиталните платформи кои треба да служат за оданочување по основ на другите даноци. Тоа значи дека на даночната администрација ѝ треба дополнително време за подготовка – вели тој.

Според него, проблематичен е и предлогот за висината на даночните стапки.

– Се одеше со стапка од 10 и од 18 отсто што е превисока прогресија. Мислам дека е подобро да се размислуваше за стапки од 12 или од 14 отсто. Но проблем е и прекинот кој се направи и сега дополнително се прави и не се знае дали ќе се продолжи со она што се започна или ќе се предлага нешто ново. Со еден збор не може да се очекува прогресивното оданочување да се воведе брзо – додава тој.

Тој додава дека за да се воведе прогресивно оданочување со начелото на вертикална праведност, како што беше планирано, треба да се завршат сите потребни подготовки, иако за тоа имаше време, но и да се одлучи дали ќе се даночи приходот на единката или приходот на домаќинството.

– Ако се размислува за начелото на вертикално оданочување кај прогресивното оданочување, мој предлог е тоа да биде на приходите на домаќинството, а не на единката бидејќи така се добива пореално и поправедно оданочување. При определувањето на приходот на семејството се собираат приходите на сите членови и се делат на секој од нив поединечно и на тоа се плаќа данокот. За споредба, за приход од 1 милион денари единката која има 7 члена на семејството би платила повисок данок, отколку домаќинството чии 7 членови на семејството заработуваат по 200.000 денари кои остваруваат повисок приход. На ваков начин би се одбегнала и практиката високиот приход на единката да се распределува на семејството за да не се плаќа данок – вели Гацов.

Прогресивното оданочување кај данокот на доход со стапка од 10 и од 18 отсто владата на СДСМ го воведе во времето кога министер за финансии беше Драган Тевдовски, но по неговата смена во ноември 2019 година неговата наследничка Нина Ангеловска го стави во мирување и ја врати единствена стапка од 10 отсто.

Според тој закон за доходот од труд (плати, пензии, договори за дело, доход од авторски права, доход од самостојна дејност), се воведе дополнителна стапка од 18 отсто за даночната основа која надминува 1.080.000 денари годишно, односно 90.000 денари месечно. Под овој доход се плаќа данок со даночната стапка од 10 отсто.

Поврзани содржини