Трета светска војна: взаемно гарантирано уништување

Дали Русија е спремна да употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина ако почне да губи на бојното поле или ако се најде заглавена во бескрајна војна?

1,906

MAD во превод од англиски значи ЛУД, но е и кратенка за Мutal Assured Destruction (Взаемно гарантирано уништување).

Ова е воена доктрина од времето на Студената војна која почива врз сознанието дека во случај на нуклеарен напад од Советскиот сојуз врз Соединетите Американски Држави, Америка ќе одговори сo употреба на сето свое оружје така што двете нации ќе бидат уништени.






Се сметаше дека оваа рамнотежа на страв е најбезбедниот начин да се избегне нуклеарна војна меѓу двата блока кои поседуваа бесмислена количина атомски арсенал.

Карикатурата од американски весник, се сеќавам, прикажуваше генерал, кој, враќајќи се од работа, на сопругата нервозно ѝ вели: Заклучивме дека со нуклеарното оружје со кое располагаме ние можеме да ги уништиме Русите 100 пати, а тие можат да нѐ уништат 101 пат.

Овој апсурд, дека некого можеш да уништиш повеќе од еднаш, ги произведе договорите за разоружување меѓу САД и Советскиот сојуз, кои, со време, го означија и крајот на Студената војна. Економски истоштениот Советски сојуз ја изгуби битката со економски надмоќниот Запад и, во економска смисла, стана земја од втора категорија со GDP рамно на малата Белгија.

Но, Русија која и денес, во економска смисла, е рамна на Шпанија, остана со огромна количина нуклеарно оружје.

„Нуклеарен Кувајт“ ја нарекуваа со потсмев во светската политика, сметајќи дека оружјето е бесмислено зашто нема политичар кој е доволно луд да се заканува со нуклеарен напад и да изврши самоубиство, свое и на својот народ. Но, и тоа се случи. Трите декади „понижување“, како што велат Русите, во обид да ја повратат „старата слава“ во еден свет на посилни економии, ги прекина Путин, со дотогаш незамисливото: закана со нуклеарна војна.

После првиот шок од заканата на Путин дека ако Западот интервенира со трупи на страната на Украина, ќе се соочи со последици какви никогаш не искусил во својата историја и ставањето на рускиот нуклеарен арсенал во состојба на готовност, очите на светот се свртеа кон текот и исходот од руската агресија.

Сега, кога е јасно дека руските војски нема само да се „прошетаат“ до Киев, како своевремено до Будимпешта во педесеттите или до Прага во шеесеттите, прашањето за употребата на нуклеарно оружје е повторно на масата.

Дали Русија е спремна да употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина ако почне да губи на бојното поле или ако се најде заглавена во бескрајна војна? И повторно, на огромно запрепастување на светот, портпаролот на Путин некни одби да ја исклучи можноста од употреба на тактичко нуклеарно оружје, израз со кој се означува атомска бомба нешто помала од онаа употребена врз Хирошима во текот на Втората светска војна.

Денот осамна со нова вест на меѓународната сцена. Утрово се огласи и диктаторот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, со веста дека неговата држава тестирала нуклеарна интерконтинентална ракета со домет кој може да погоди која било цел на територијата на Америка.

Диктаторот се жали дека не е доволно почитуван и бара отстапки од Западот. И пред да побрзаме со заклучоците дека нема никаква разлика меѓу нуклеарните сили, да не заборавиме дека зад секоја сила стојат определени вредности.

НАТО сојузот на кој му припаѓа нашата држава ги споделува вредностите на слободата, демократијата, правната држава и човековите права. Илузии, би рекле циниците. Џорџ Орвел би одговорил: Да, ама многу моќни илузии. Русија и Северна Кореја се автократии и тука илузии нема. Исти се само последиците од светска нуклеарна војна – взаемно гарантирано уништување.

Затоа, со разум да ја пребродиме оваа најопасна криза на нашата генерација предизвикана од руската агресија врз Украина и да внимаваме на нашите постапки во новата ера на конфронтација меѓу демократиите и автократиите.

Поврзани содржини