„Транспарентен“ криминал
Во моментов не знаеме како понатаму ќе се развиваат работите околу истрагата. Дали „Фениксот“ пак ќе се престори пепел или ќе продолжи да лета над Македонија.
Ако кај нас има(ло) примери на дрско и отворено незаконско постапување и со голо око видлив криминал, тоа апсолутно е „СК 2014“. Ако има(ло) примери на најбезобразно молчење на надлежните институции пред кршењето на законите – нешто многу слично на овие „историски“ коридори кои веќе никој не ги спомнува – тогаш тоа е овој шизоиден „проект“, како целина и како одделни сегменти (споменици, објекти, фасади, „плоштади“ итн.).
И, едновремено, очигледно е дека тој „проект“, како замисла и начин на реализација, служи како (грд) модел и за сегашниве големоформатни криминали од типот на гореспомнатите коридори. Иако, мора да се каже, „СК 2014“ во тој поглед беше/е многу „потранспарентна“ шарена лага од овие коридори обвиткани со седум вела тајни. Сите договори, општински програми, финансиски трансакции итн. за „СК 2014“ беа/се јавни и достапни (особено на сајтот на БИРН, за што треба да им се честита!). Тогашната власт беше толку сигурна дека ќе владее 100 години и дека времето сето тоа ќе го покрие со заборав.
Токму заради таа „транспарентност“ на овој криминал зачудува шестгодишниот молк на оваа власт за и околу овој „проект“ и сегашново „бомбастично“ настапување небаре одново откриле топла вода. Па таму сѐ беше јасно од првиот ден. Барем за оние кои малку ја познаваат таа област, но и правото. А барем тоа, правото односно законската регулатива сврзана со споменичката проблематика, е толку едноставна што и мало дете може да ја разбере. Ама овие сегашниве се бетер од мали деца. И сега сакаат да нѐ убедат дека завршиле којзнае колкава работа! Цели шест години!!! Во конкретниов случај, народски кажано, тие требаа веќе вториот ден да ја поапсат целата тогашна властелинска – централна и градска – гарнитура, па дури потоа да „истражуваат“, тоа што мислат дека дополнително треба да се истражува.
Зашто, Законот за меморијалните споменици и спомен обележја децидно посочува кој, кога и како може во државава да подига споменици. Фактот што оние глупави груевистички следбеници од калибарот на Канчевска, Ставревски, Тодоровиќ и остала братија мислеа дека се многу мудри шверцувајќи ги спомениците како спомен обележја (давајќи им на тој начин локално значење), е само срамно незрел и неук потег.
Едновремено, некогашната Комисија за „СК 2014“ при Министерството за култура (во времето на министерот Алаѓозовски) стручно и компетентно го „разглоби“ тој „проект“ и остави едно чудо елаборати за голем дел од спомениците, со документирана фактографија и заклучоци. Само тоа да го следеле истражните органи, за една година ќе го завршеа „случајот“.
Згора на тоа, неколкумина компетентни поединци, вклучувајќи ја и мојата дребност, низ годиниве „се убија“ пишувајќи за видливите и „невидливите“ криминали на „СК 2014“. За и околу тоа имаше и два доволно исцрпни извештаи и на Комисијата за утврдување на фактичката состојба во врска со градењето на спомениците во рамки на проектот Скопје 2014, а кои се финансирани од буџетот на Општина Центар Скопје, од експертите проф. Д-р Слаѓана Тасева и Драган Малиновски.
Доволно ќе беше некој да ги собере сите тие текстови и ќе имаше готов случај. За во апсана, се разбира, но и за на суд. Но оваа власт имаше поприоритетни нешта, нели, иако токму (и) „грандиозната“ криминалност на СК 2014 и ветувањата за брзо разрешување на „случајот“ ги донесе на власт.
Со овие и вакви забелешки никако не сакам да го минимизирам сегашното осмелување на ова власт да излезе конечно во јавноста со некакви резултати од повеќегодишната истрага. Факт е дека тоа малку збунува и смирисува на мувла, па и на нешто друго, но нели велат дека правдата можеби доцни но не заборава. Ова е типична потврда на таа малку излитена поговорка.
Во моментов не знаеме како понатаму ќе се развиваат работите околу истрагата. Дали „Фениксот“ пак ќе се престори пепел или ќе продолжи да лета над Македонија. Малку зачудува онака благонаклонетото пресудување само на домашен притвор за евидентиран криминал од (за почеток) педесетина милиони евра и злоупотреба на службената должност. Што друго требало уште да направат овие за веднаш да се најдат зад решетки?
Зашто, освен очебијното и „транспарентно“ кршење на законската регулатива, злоупотребата на службената должност вклучува(ла) и: сериозни нарушувања на функционирањето на правната држава, нерегуларности и злоупотреба на буџетски средства, недостаток на стручна контрола при реализацијата на „проектите“, незаконско префрлување на парични средства од централниот на локален буџет итн.
Но, и ова е само дел од остатокот од шарената лага викана „СК 2014“. Таа, имено, односно истрагата, треба/мора да продолжи и во други насоки, а пред сѐ во насоката на потенцијалното учество на други лица во оваа битпазарска скаламерија со историски размери. На пример: една „уметничка“ инкасираше милиони евра од неколку споменици спомнати во истрагата; другите уметници исто така заработуваа одлично божем не знаејќи во што се впуштаат итн. Понатаму, за сите спомнати во истрагата споменици, одделни ликови пишуваа некакви „стручни“ рецензии за не-знам-што.
Тие не подлежат ли на соучесништво во истрагата? Понатаму, сите надлежни служби за гонење на криминал во тоа време, не гледаа ли што се случува? Тие луѓе нели се исто така соучесници во „криминалот на столетието“? (Така барем го викавме „СК 2014“ до појавата на коридорите 8 и 10!). Понатаму, сите оние персони од т.н. „стручна“ јавност кои го воспеваа „проектот“ – меѓу нив и видни шушумиги од оваа власт, па и премиерот! – ќе си поднесат ли оставки на функциите?
Поточно, наместо да го прашува раководството на сегашното раководство на дпмне (малите букви соодветствуваат на капацитетноста на оваа партија денес) дали ќе си поднесе оставки заради овој криминал, нема ли премиерот Ковачевски да поднесе исти консеквенци за неговото присуство на отворањето на грдотијата викана „стар театар“ и сите криминали вградени во него?
Па спомнувајќи го тој градежно-архитектонски кич во распаѓање (којшто, случајно или само заради премиерот не е на списокот?), што (ќе) се случува со остатокот од „спомениците“ од „СК 2014“? Некој спомна – не мора да значи тенденциозно – неколку „споменици“ на личности од албанската историја, поставени заедно со оние спомнати во истрагата. Тие не се спорни или истрагата не сака да ги види? А јас, можеби и тенденциозно, ќе потсетам дека и т.н. „плоштад Скендербег“ на влезот во Старата чаршија е дел од „историскиот проект“, не само по цената (околу 15 мил. евра), туку и по „стилот“.
Следствено, преку резултатите од истрагата за криминалите на „СК 2014“, не доаѓаме ли до истите криминали денес и непостапувањето на оваа власт против нив? Колку споменици се подигнаа во овие изминати шест години на сличен или идентичен начин како и овие што сега (ќе) ги процесуираат? И овде, тенденциозно, ќе го спомнам, на пример, споменикот во с. Слупчане! Ќе одговара ли некој за нив? На пример претседателот на Собранието, шефот на ЈО, некои градоначалници и претседатели на партии и остала актуелна еднакво криминална братија како и онаа којашто сега ја черечат?
И што е она што се случува во Кавадарци, каде што дури и претседателот на државата и министерката за култура се поклонуваат? Знаат ли каде биле и што виделе и што сѐ таму е правено врз споменикот којшто е споменик на културата заштитен со закон? Ќе има ли консеквенци за сторителите на ововременските злосторства во Моклиште, и не само таму, но и за оние кои го толерираат тоа?
Зашто, без сето ова, ваквите половични „истраги“ остануваат само нов чин во театарот на апсурдот на оваа власт, со којшто веќе утре ќе се занимава некоја друга власт. И ќе им враќа со иста мера. Освен, се разбира, ако повторно не станува збор за добро договорено сценарио познато како „и волкот сит и овците на број“!
Извор: Теодосиевски уметност