📽️ ТРАМП СО УЛТИМАТУМ ЗА МОСКВА Сака договор за мир или воведува нови санкции
Претседателот Трамп беше остар во оценките за руското однесување и најави сериозни економски мерки доколку не се постигне договор за мир.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Русија дека САД ќе воведат високи царини доколку во рок од 50 дена не биде постигнат договор за прекин на војната во Украина.
На заедничка прес-конференција во Белата куќа со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателот Трамп беше остар во оценките за руското однесување и најави сериозни економски мерки доколку не се постигне договор за мир.
– Доколку нема договор, ќе воведеме сериозни секундарни царини околу 100 проценти – изјави Трамп, оценувајќи дека е „многу незадоволен“ од постапките на Москва.
Тој додаде дека САД ќе се насочат кон засилено производство на воена опрема, која потоа ќе се доставува до НАТО сојузниците, а алијансата ќе ја координира нејзината дистрибуција, вклучително и испораките за Украина.
– Ќе произведуваме врвно оружје и ќе го испраќаме до НАТО. Тие ќе одлучат каде тоа е најпотребно – рече Трамп.
NOW – Trump to impose “very severe tariffs” of 100% on Russia if no deal is reached “in 50 days.” pic.twitter.com/BM9HaXhURV
— Disclose.tv (@disclosetv) July 14, 2025
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја оцени одлуката на американскиот претседател како исклучително важна за безбедноста на Европа и иднината на Украина.
– Ова е навистина голема работа – рече Руте, истакнувајќи дека со ваквиот договор, Украина ќе може да ја зајакне својата одбрана од руската агресија.
Тој додаде дека трошоците за испорачаното оружје ќе ги покријат европските земји, а претседателот Трамп веднаш ја поздрави оваа најава.
– Тоа има совршена смисла – рече Трамп, алудирајќи на долгорочниот американски став дека Европа треба да сноси поголем дел од трошоците за сопствената безбедност.
Руте заклучи дека ваквиот пристап е продолжение на, како што рече, „успешниот модел на градење европска одговорност“, кој произлегува од неодамнешниот самит на НАТО.
– Европејците сега ја преземаат водечката улога – изјави генералниот секретар на алијансата.