ТРАМП СО НАЈГОЛЕМА ДЕЛЕГАЦИЈА, ДАНСКА БОЈКОТИРА Светскиот економски форум во Давос во сенка на тензиите за Гренланд
И додека светските лидери ги прекројуваат агендите за следните денови, стотици луѓе протестираат на улиците против доаѓањето на Трамп, критикувајки ги швајцарските власти.
Со протести на улиците и тензии на агендата, во Давос стартува Светскиот економски форум под мотото „Духот на дијалогот“. Но дијалогот почнува во сенка на криза – Доналд Трамп ја предводи најголемата американска делегација досега, додека Данска целосно го бојкотира форумот.
Светската елита се собира во швајцарските Алпи, во момент на најдлабоки трансатлантски тензии во последните децении, а Гренланд се искачи високо на агендата. Европските лидери во Давос ќе ја имаат и првата можност за директен, тет-а-тет разговор со американскиот претседател, по изјавите за суверенитетот на Гренланд, царините и иднината на НАТО.
А Трамп ја предводи до сега најголемата американска делегација во Давос. Го придружуваат пет министри и други високи функционери како државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер. Се очекува средба Трамп – Зеленски, но покрај Украина се најавуваат дискусии и за Венецуела, Газа и Иран.
И додека светските лидери ги прекројуваат агендите за следните денови, стотици луѓе протестираат на улиците против доаѓањето на Трамп, критикувајки ги швајцарските власти.
– Сметам дека од една страна е подобро да се зборува, но од друга страна тој ( Трамп ) не е дојден тука за дијалог, туку е дојден да направи уште еден договор. И навистина не му верувам – вели еден од демонстрантите.
Друг демонстрант нагласува дека Трамп започна војна во Венецуела и затоа Швајцарија не би требало да го пушта да дојде, ниту пак да биде прифатен како учесник на Светскиот Економски Форум.
На Швајцарските Алпи денеска пристигнаа повеќе од 60 шефови на држави и влади, вклучително и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој веќе најави дека ќе направи обид за средба со Трамп, за деескалација на трговските тензии. На исто место ќе бидат и канадскиот премиер, аргентинскиот претседател, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, кинескиот вицепремиер, водечките технолошки лидери на Мајкрософт и Гугл АИ.

На Светскиот економски форум присуствува и македонскиот премиерот Христијан Мицкоски со делегација.