ТРАМП СЕ ВРАЌА НА БАЛКАНОТ СО ЈАСНИ ПОРАКИ И СО ЗАКАНИ СО САНКЦИИ Што содржи Законот за демократија и за просперитет на Западен Балкан?

Македонија во овој документ е третирана како дел од регионот кој треба да продолжи со реформите, но не е означена како проблематичен случај. Законот не содржи посебни препораки, предупредувања или критики насочени кон македонските институции, што е важна разлика во споредба со пристапот кон Србија.

1,368

Соединетите Американски Држави, во рамки на Законот за авторизација на националната безбедност за 2026 година, усвоија посебен дел посветен на Западниот Балкан, познат како „Закон за демократија и просперитет на Западен Балкан”. Станува збор за документ што, покрај декларативната поддршка за регионот, содржи и конкретни политички оценки и механизми за притисок.

Законот ја дефинира поддршката на САД за демократските институции, владеењето на правото и слободните медиуми како стратешки интерес. Во фокусот се фер изборни процеси, борба против корупцијата и зајакнување на институционалната отпорност, особено во земји каде што демократијата е под притисок.






За разлика од повеќето држави од регионот, во самиот текст посебно е издвоена Србија, со директен коментар за состојбата со демократијата и изборните процеси. Американскиот Конгрес се повикува на наодите на ОБСЕ/ОДИХР за изборите од декември 2023 година и оценува дека условите не биле фер и рамноправни, посочувајќи проблеми со тајноста на гласањето, притисоци и процедурни нерегуларности. Во документот се изразува загриженост и за односот на властите кон опозицијата, протестите и граѓанското општество, кои често се прикажуваат како фактори на дестабилизација.

Македонија, од друга страна, не е предмет на таков посебен критички коментар. Во законот таа се спомнува изречно како една од земјите на Западниот Балкан, рамноправно со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Земјата е опфатена во општата рамка на поддршка за демократија, економски развој и евроатлантска интеграција, без конкретни забелешки за изборните процеси, состојбата на демократијата или владеењето на правото.

Во практична смисла, тоа значи дека Македонија во овој документ е третирана како дел од регионот кој треба да продолжи со реформите, но не е означена како проблематичен случај. Законот не содржи посебни препораки, предупредувања или критики насочени кон македонските институции, што е важна разлика во споредба со пристапот кон Србија.

Значаен е и практичниот аспект на законот. Тој не е само политичка декларација, туку предвидува и конкретни механизми, меѓу кои и можност за воведување санкции. Претседателот на САД добива овластување да воведе мерки како замрзнување имот или забрани за визи за поединци кои се поврзани со корупција, поткопување на демократските процеси или активности што ја загрозуваат стабилноста на регионот.

Законот исто така ја нагласува борбата против странско штетно влијание, дезинформации и сајбер-закани, како и потребата од енергетска диверзификација и економска отпорност. Во тој контекст, Западниот Балкан се гледа како простор каде што демократските слабости можат лесно да бидат искористени за геополитички цели.

Иако не носи автоматски финансиски пакети, вклучувањето на овој закон во NDAA му дава тежина и долгорочен карактер. Пораката од Вашингтон е јасна: Западниот Балкан останува на американската агенда, но поддршката оди рака под рака со очекувања, а во одредени случаи и со отворена критика и притисок.

 

Поврзани содржини