Трамп против Калифорнија – која е вистинската борба?

За што станува збор? За фактот дека локалните власти, било градски или државни, не соработуваат со федералните власти на полето и прашањето на имиграција. Калифорнија и Лос Анџелес особено се докажани следбеници на ваквата политика. Уште во 1979 година, врхушката на градската полиција го воведува „Special Order 40“ кој им забранува на полициските службеници да го утврдуваат имиграцискиот статус на одредена личност.

324

Со испраќањето 4.000 војници од Националната Гарда и 700 маринци, претседателот Доналд Трамп го претвори Лос Анџелес, вториот по големина американски град, во воена зона против илегалната имиграција, ставајќи ја во тешка позиција локалната власт на Демократите, газејќи на граница на своите претседателски овластувања во Калифорнија, најбогатата сојузна држава во САД, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.

Така Лос Анџелес се претвора во воена зона и „Ground Zero“ во предизвикот со имигрантите, нешто што во реалноста почнува уште во мај месец, кога Трамп ги собира најтесните соработници предводени од Стивен Милер – архитектот на (анти)миграциските политики, за да се пожали дека и покрај серијата на апсења, квотата сѐ уште е прениска и премногу се далеку од целта „да се исфрлат 11 милиони имигранти“, ветена за време на изборите.






Бидејќи тоа ветување беше клучно за победата против Камала Харис на изборите, собирајќи гласови и меѓу демократите и малцинставата, себични да бидат последните „легални граѓани“ во земјата на можности. Затоа и Трамп толку настојува на ова прашање, според него поважно и од царините, кога станува збор за настроеноста на гласачите и претстојните „мидтерм“ избори.

Оттука, погрешно е судирите во Лос Анџелес и употребата на војската за стишување на домашните протести, авторитарното уназадување, па дури и намерата на Трамп да дефокусира од други проблеми, да се гледаат како клучни за тоа што се случува во Калифорнија. Влогот во играта е далеку поширок и поголем и клучот е токму во имиграцијата.

Вистинската цел е Калифорнија

Во суштина вистинската цел на Трамп и на властите е државата Калифорнија. Трамп и неговите сакаат да ги растурат правилата на „Golden State“ кои гарантираат заштита на имигрантите од депортација наредена од централната Влада. Односно, се оди против статусот на „град светилиште“ за имигрантите, врз основа на кој Калифорнија го изгради својот економски модел, создаде идеолошка алтернатива и улога на лидер во спротивставувањето и отпорот кон Трамп. Потоа, извршната власт сака да го соголи од авторитет Сакраменто кога станува збор за почитување на редот и поредокот, во духот на американскиот „law and order“. Судирот е помеѓу федералната Држава и федерализираната држава, во една чудна внатрешно американска геополитичка салса. Со висок потенцијал целото прашање да заврши пред Врхивниот суд.

Властите го одбраа Лос Анџелес како епицентар на борбата против нелегалните имигранти. На 2 април министерот за правда Пем Бонди го именува Билал „Бил“ Есајли за главен обвинител на централниот дикстрикт на Калифорнија, каде според официјалните проценки живеат околу милион и половина нелегални имигранти. Избраниот е млад адвокат, пратеник во парламентот на Сакраменто, муслиман со либанско потекло, опишан како ѕвезда во подем на републиканската партија во „Златната држава“.

Во средината на мај месец Есајли ја лансира операцијата „Guardian Angel“. Екипа на федерални агенти секојдневно ја следи листата на уапсени во централниот дистрикт со намера да пронајде луѓе за кои е издадена наредба за депортација. Во случај да се пронајде таков човек, Обвинителството испраќа федерална наредба за апсење со цел да го отргне поединецот од заштитата на државната полиција и да пристапи кон негова депоратација. Декларираната цел на операцијата е да се неутрализира државната политика на Калифорнија како заштитник или светилиште за бегалците.

За што станува збор? За фактот дека локалните власти, било градски или државни, не соработуваат со федералните власти на полето и прашањето на имиграција. Калифорнија и Лос Анџелес особено се докажани следбеници на ваквата политика. Уште во 1979 година, врхушката на градската полиција го воведува „Special Order 40“ кој им забранува на полициските службеници да го утврдуваат имиграцискиот статус на одредена личност. Во 1985-тата, општината Лос Анџелес го прогласува градот за „светилиште“ за лицата чие барање за азил било отфрлено од стана на федералните власти. Низ годините Лос Анџелес изгради систем според кој е забрането да им се помага на федералните власти на полето на имиграциска политика и во индивидуирањето и апсењето на имигрантите. Систем кој потоа ќе се прошири на територијата на целата држава од 2017-та година, кога гувернер е Џери Браун, како еден од првите акти на отпор кон тогашниот прв мандат на Доналд Трамп.

Имигрантите и криминалот

Таквите мерки и политики им дозволија на имигрантите да учестуваат на пазарот на трудот, каде речиси една третина од БДП на Калифорнија зависи токму од имигрантите, особено од оние легалните, им овозможува тие да плаќаат даноци кои се проценуваат на 8,5 милијарди долари само во 2022 година, и секако да имаат право на јавни услуги. Според критичарите, имигрантите придонесуваат и за порастот на криминал, каде поради либералните политики на демократите, голем број лица на кои теоретски им следува депортација, со години само влегуваат и излегуваат од затворите.

Потоа следуваа изборите во ноември 2024 година, колапсот на границата со Мексико, од каде се проценува дека влегле преку 11 милиони имигранти за време на мандатот на Бајден, и крах на имиграцискиот систем кој ги разбесни гласачите и придонесе за победата на Трамп на изборите. Оттука, не сите калифорниски политичари ја разбраа пораката. Токму општината Лос Анџелес во средина ноември го прогласи и официјално статусот на „град светилиште“ за имигрантите.

Уште еден предизвик кон централната власт од страна на парламентот на Сакраменто, доминиран од Демократите, беше одлуката и предлог законот да се забрани специфична соработка помеѓу државните и федералните власти кога станува збор за депортација на веќе осудени криминалци. Таквата одлука беше премногу и за демократскиот гувернер Гевин Њусом, кој иако се спротивставува на Трамп, јавно се закани со вето против одлуките на сопствената партија. Разбирливо, гувернерот планира да се кандидира за следните претседателски избори и не сака да си ја упропасти шансата, колку и таа да е мала, како еден од симболите на проблемите на калифорнискиот „way of life“.

Во меѓувреме, Трамп од депортацијата на имигрантите направи врвен приоритет на домашната политика. И покрај тоа, ритамот на депортации за властите не е задоволителен. Засега темпото е слично како од времето на Бајден, со околу 750 депортирани лица дневно. Трамп немаше доволно средства за повеќе, но сега, со новиот буџет и „The Big Beautiful Bill“ кој е во Сенатот, планира да го зголеми на 200 милијарди долари буџетот за Службата за имиграција и царина ИЦЕ, која спроведуваа рации на јавен простор за да најдат и депортираат нелегалните имигранти. Стивен Милер, главниот соработник на Трамп за имиграциските политики, се заканил со масовни отпуштања во ИЦЕ доколку не ги зголемат дневните квоти и не ги триплираат апсењата. Новата цел е 3.000 илјади луѓе дневно, милион годишно. Само минатиот вторник ИЦЕ апси преку 2200 лица, па наредниот петок уште 100 лица во само една рација. Така почнуваат протестите, доаѓа до влезот на војската и почнува новиот судир помеѓу Трамп и Калифорнија.

Антиимиграциската политика како оружје на Белата куќа

Што можеме да заклучиме од сето ова? Дека клучната политика на светските и американските десничари и конзервативци, нешто што го идентификува новото десничарење и сувернизам е токму имиграциската политика. Од Орбан до Трамп, од десницата во Европа, до онаа во Америка, клучот на тоа да се биде сувернист и конзервативец денес е да се настапува строго кон прашањето на границите и имигрантите. Трамп воедно гледа дека токму на имиграциската политика може да го поврати изгубениот консензус околу економијата, да ги стави во тесно либералните противници во Конгресот, и да си отвори простор за републикански гувернер во Калифорнија, за кој ќе се гласа токму на „мидтерм“ изборите.

Воедно, бидејќи токму градовите и засебните држави на Америка, заедно со правосудството, се најголемиот и најефикасниот контрапункт на централната и федерална власт, токму на антиимиграциските политики, демонстрацијата на сила врз Лос Анџелес и Калифорнија, е најдоброто оружје на Белата куќа во напорот да ја намали силата и автономијата на локалните власти во рамки на федералната Унија.

Оттука, целото сценарио е со цел да се забрза изборната кампања на Трамп, да се стават во тесно либералните и прогресивни сили, да се издигне Америка до симбол во неуморната борба против антиимиграциските политики, нешто што е главна тема во сите индустриски развиени демократии, почнувајќи од Европа.

Потоа ќе следува и одлуката на Врховниот суд. Доколку одлучи против Трамп, само ќе го забрза судирот помеѓу извршната и судската власт. Доколку одлучи во негова полза, моќта на претседателот енормно ќе се зголеми.

Поврзани содржини