ТРАМП ПОНУДИЛ ПРЕКИН НА ОГНОТ, ИРАН ОДБИЛ Ако продолжат нападите, Израел ќе биде следна цел!

Неуспешниот обид за посредување доаѓа во момент кога Трамп се заканува со дополнителна ескалација на конфликтот и со напади врз клучната иранска инфраструктура.

1

Иран го отфрлил предлогот за прекин на огнот што американскиот претседател Доналд Трамп му го испратил на Техеран преку ирачкиот премиер Али ал-Заиди, тврдат неименувани ирански и американски претставници, пренесува денеска „Њујорк тајмс“.

Според истите извори, посетата на ирачкиот премиер Али ал-Заиди на Иран уследила по неговата неодамнешна средба со Трамп во Белата куќа.






Деталите од предлогот за прекин на огнот сè уште не се познати, но иранските претставници изјавија дека тоа е единствената понуда на маса и оти нивната влада не е заинтересирана за привремен договор што би го оставил нерешено прашањето за контролата врз Ормускиот Теснец, пишува весникот.

Неуспешниот обид за посредување доаѓа во момент кога Трамп се заканува со дополнителна ескалација на конфликтот и со напади врз клучната иранска инфраструктура.

Двајца ирански функционери изјавиле за „Њујорк тајмс“ дека таков американски напад врз Техеран би можел да предизвика нова и сериозна ескалација на конфликтот, при што една од целите на Техеран би можел да биде и Тел Авив.

Според нивните наводи, доколку американскиот претседател Доналд Трамп ги реализира заканите за напад врз Техеран и иранската инфраструктура, Иран би возвратил со ракетни напади врз Израел. Истовремено, Техеран би можел да побара од јеменските Хути да воведат поморска блокада на стратешкиот теснец Баб ел-Мандаб.

Во првата фаза од конфликтот, која започна на 28 февруари, израелските одбранбени сили изведоа напади врз цели во Иран, додека Техеран одговори со лансирање стотици балистички ракети кон Израел.

Сепак, според „Њујорк тајмс“, Израел не учествувал во последното обновување на конфликтот, а Иран во изминатите недели не извршил напади врз еврејската држава.

Иран и САД постојано ги зголемуваат тензиите во текот на изминатите неколку недели, при што американските сили бомбардираа воени бази, како и инфраструктура како што се железници, аеродроми, мостови и пристаништа, додека Иран изврши напади со балистички ракети и беспилотни летала врз американски воени цели на Блискиот Исток, потсетува весникот.

Поврзани содржини