ТРАМП КУПИЛ ОБВРЗНИЦИ И АКЦИИ ВО ВРЕДНОСТ ОД 337 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Инвестира во гранки кои неговата администрација ги поддржува
Според извештај објавен од Канцеларијата за владина етика на САД, Трамп од 28 август до 2 октомври направил повеќе од 175 финансиски купувања.
Американскиот претседател Доналд Трамп купил корпоративни обврзници во вредност од најмалку 82 милиони долари од крајот на август до почетокот на октомври, вклучувајќи нови инвестиции во сектори што имаат корист од неговите политики, покажуваат финансиските пријави.
Според извештај објавен од Канцеларијата за владина етика на САД, Трамп од 28 август до 2 октомври направил повеќе од 175 финансиски купувања. Извештај објавен на барање поднесено согласно Законот за транспарентност од 1978 година, наречен Ethics in Government Act, не ги наведува точните износи за секое купување, туку даваат само широк опсег. Максималната вкупна вредност на купените обврзници надминува 337 милиони долари, според документите.
Поголемиот дел од средствата наведени во пријавите од саботата се состојат од обврзници издадени од општини, сојузни држави, окрузи, училишни окрузи и други субјекти поврзани со јавни агенции.
Новите инвестиции на Трамп во обврзници опфаќаат неколку индустрии, вклучувајќи сектори кои веќе имаат корист или моментално имаат корист од промените во политиката на неговата администрација, како што е финансиската дерегулација.
Корпоративните обврзници што ги купил Трамп вклучуваат обврзници од производители на чипови како што се „Бродком“ и „Квалком“, технолошки компании како што се „Мета Платформс“, трговци на мало како што се „Хоум Депо“ и „ЦВС Хелт“, и банки од Волстрит како што се „Голдман Сакс“ и „Морган Стенли“.
Купувањата на долгови од инвестициските банки кон крајот на август вклучуваа обврзници од „Џеј-Пи Морган“. Трамп во петокот побара од Министерството за правда на САД да го истражи „Џеј-Пи Морган“ поради неговите врски со починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин. Банката соопшти дека жали за своите минати врски со Епстин и оти не му помогнала да изврши „грозоморни дела“.
Трамп, исто така, купил обврзници на Интел откако владата на САД, под водство на Трамп, купи удел во компанијата.
Трамп, кој го стекна своето богатство во недвижности пред да влезе во политиката, претходно изјави дека ги ставил своите компании во фонд што го надгледуваат неговите деца.
Пријавата поднесена во август покажала дека Трамп купил обврзници во вредност од повеќе од 100 милиони долари откако се вратил на функцијата на 20 јануари. Трамп, исто така, поднел годишна даночна пријава во јуни, која покажала дека приходите од неговите различни потфати сепак завршуваат кај него, што предизвика загриженост за потенцијални судири на интереси.
Во таа годишна пријава, која ја опфаќала календарската 2024 година, Трамп пријавил повеќе од 600 милиони долари приходи од криптовалути, голф објекти, лиценци и други потфати. Исто така, покажа дека неговото влегување во криптовалути значително го зголемило неговото богатство.