Трамп и фрустрираните Европејци во карантин
Критиката на американскиот претседател е несериозна, сметаат шведските експерти, нагласувајќи дека сите што работат со инфективни болести добро знаат дека ваков вид зарази продолжуваат да се шират сè додека не се постигне „имунитет на стадо“, преку вакцинирање или преку доволно голем број на имуни. Друг начин да се запре вирусната зараза не постои.
Можеби би било најдобро во време на корона-кризата да се причека со водење дебата која земја применува добри или лоши рестриктивни мерки. Факт е дека сите земји прават напори за справување со кризата со сопствени проценки, специфични според потребите и капацитетите на општеството. Но, судејќи според искуствата во глобални рамки, факт е и тоа дека никој не располага со клуч за најсоодветно решение.
Данска, на пример, која не воведе вонредна состојба, но мошне рано примени драстични мерки со затворање на границите, ограничување на јавните собири, затворање на училиштата и градинките, трговските и фитнес-центри, како и високи казни за прекршителите, сега го менува курсот во борбата против Ковид-19. Сега се тргнува од сознание дека како резултатот на острите рестрикции во Данска ширењето на заразата се одвива мошне споро. Поради тоа состојбите ќе бидат премногу пролонгирани пред доволно голем број од населението да се здобие со имунитет.
Против стратегијата за која се определуваат скандинавските земји во борбата против корона, вчера се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп. Неговите изјави неретко имаат ефект на долевање на масло врз веќе разгорената дебата. На прес-конференција во Белата куќа Трамп жестоко ја нападна Шведска поради нејзината тактика против корона вирусот, одговарјќи на прашањето каков совет би им дал на лидерите кои се против мерките на социјално дистанцирање. „Не верувам дека ги има многумина такви“, смета Трамп, додавајќи дека сите што биле против социјално дистанцирање сега почнале да ограничуваат, како, на пример Велика Британија. „Шведска се измачува мошне многу“, потенцира американскиот претседател.
Трамп веднаш доби одговор од шведскиот државен орган за јавно здравје, од каде што еден од најистакнатите профили, спидемиологот Андерс Тегнел, вели дека „е сосема јасно оти е мошне напорно во Шведска, нарочно во здравството, но споредувајќи со ситуацијата во Њујорк, каде што по игра на случај имам роднина кој работи таму, кај нас нештата функционираат добро“.
САД и Шведска избраа две сосема различни тактики во борбата против ширењето на заразата. Шведска со поблаги рестрикции продолжи да ги држи јавните дејности отворени, основните училишта, градинките и рестораните не се затворени, додека САД се определи токму за спротивното, затворајќи ги училиштата, теретаните и угостителските објекти. За разлика до Шведска, каде што се препорачува претпазливост на јавните простори и социјално дистанцирање, од другата страна на Атлантикот се повикуваат американските граѓани да останат дома.
САД е една од земјите кои се најсериозно погодени од корона-кризата, со речиси 400.000 потврдени случи на заразени од Ковид-19. Доналд Трамп сепак смета дека силните рестрикции придонеле да се спасат стотици илјади животи. Во својата критика околу стратегијата што се применува во Шведска, Трамп го допре и прашањето на т.н. „имунитет на стадо“, кој се создава кога доволно голем дел од населението стануваат имуни, така што ширењето на заразата почнува да се намалува. „Стадо. Тие така го нарекуваат тоа, и принудени се да издржат мошне, мошне тешко мачење“, смета Трамп.
Критиката на американскиот претседател е несериозна, сметаат шведските експерти, нагласувајќи дека сите што работат со инфективни болести добро знаат дека ваков вид зарази продолжуваат да се шират сè додека не се постигне „имунитет на стадо“, преку вакцинирање или преку доволно голем број на имуни. Друг начин да се запре вирусната зараза не постои.
Европејците реагираат на различни начин на мерките што ги воведуваат нивните влади, а со кои во низа случаи мошне радикално се интервенира со драстично редуцирање на секојдневните вообичаени рутини и навики. Шведска и понатаму е исклучок, но речиси во целиот остаток на Европа стварноста е таква што само до пред неколку месеци можеше да се види како некој лош сајнс-фикшн филм, или како опис на животот под некоја од тоталитарните диктатури во претходното столетие.
Но иако новите строги правила целосно го менуваат животот на луѓето, доведувајќи ги во состојба на тешки искушенија и фрустрации, на многу места наидуваат на разбирање и поддршка. Во Италија, во која се на сила строги мерки на карантин од 10 март, испитувањата покажуваат дека 63 отсто од населението се позитивно настроени кон начинот на кој владата се справува со кризата.
Во Германија тврдата линија на владата против корона-епидемијата придонесе донекаде да се случи и „камбек“ на канцеларката Меркел, која веќе почна полека да се повлекува од политичката сцена. „Мајката на нацијата“ доби преодна оценка дури од 75 проценти од германските граѓани, кои сметаат дека добро раководи со земјата во времето на вирусната криза. Нешто помал пораст, но сепак зголемена популраност е забележана и во сондажите во кои се оценува работата на францускиот претседател Макрон во борбата против корона.
Сознанијата од повеќе земји во Европа зборуваат дека граѓаните, соочени со стравот и анкзиозноста поради епидемијата, ги прифаќаат владините кризни мерки, дури и во оние земји каде што тие мерки всушност претставуваат ригорозна интервенција во однос на граѓанските права и слободи.
Никој не го знае одговорот, и никој не може да понуди идеално решение. Но секоја влада се соочува со потребата да реагира итно и навремено. Подобро тогаш мерките да бидат драконски, и можеби предимензионирани и претерано рестриктивни, отколку утре некој да биде обвинет дека покажал слабост и неефикасност токму кога најмногу се очекувало да биде – бескомпромисен и решителен. Веројатно не сме далеку од вистината доколку сметаме дека европските влади размислуваат токму на таков начин.