ТРАМП ЌЕ БИДЕ ШЕИК НА ГАЗА!? Резолуцијата за палестинската енклава најнеобична во историјата на ООН

Оваа резолуција е уникатна по тоа што го поставува Доналд Трамп на врвот на контролата над Газа, можеби со Тони Блер како негов непосреден подреден во Одборот за мир, кој ќе ги надгледува мултинационалните мировни трупи, комитетот од палестински технократи и локалните полициски сили, во период од две години. За иднитет членовите на Одборот за мир се знае само она што го објави Трамп: „Ќе претседавам јас, а ќе вклучува најмоќни и најугледни лидери ширум светот“.

545

Резолуцијата број 2803, која синоќа ја усвои Советот за безбедност на ОН, а која има за цел да го претвори кревкиот прекин на огнот во Газа во вистински мировен план и можност за обнова на разурнатата енклава, е една од најнеобичните во историјата на Обединетите нации, коментираат политички аналитичари по објавување на дел од нејзината содржина.

Целта на резолуцијата е, исто така, да му даде меѓународен легитимитет на мировниот план од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, чии делови послужија како основа за прекинот на огнот што стапи во сила во Појасот Газа минатиот месец.






Резолуцијата предвидува воспоставување Одбор за мир како преодна власт и формирање привремени Меѓународни стабилизациски сили МСФ (ISF) во Газа, стои во нацрт-верзијата во која CNN имал увид.

Не е познато кои сè ќе бидат членови на Одборот за мир – се знае само дека, како што објави Трамп на социјалните мрежи, „ќе претседавам јас, и ќе вклучува најмоќни и најугледни лидери ширум светот“.

Оваа резолуција, пишува „Гардијан“, е уникатна по тоа што го поставува Доналд Трамп на врвот на контролата над Газа, можеби со Тони Блер како негов непосреден подреден во Одборот за мир, кој ќе ги надгледува мултинационалните мировни трупи, комитетот од палестински технократи и локалните полициски сили, во период од две години.

Одборот ќе му реферира на Советот за безбедност, но нема да биде подреден на ОН ниту пак обврзан со претходните резолуции на светската организација. Тој ќе ги надгледува МСФ, чиј состав сè уште не е утврден, но кои САД сакаат да ги распореди до јануари.
АП пишува дека резолуцијата, исто така, им дава широк мандат на меѓународните стабилизациски сили, вклучувајќи го надгледувањето на границите, обезбедувањето безбедност и демилитаризацијата на територијата.

Во текстот се наведува и дека стабилизациските трупи ќе помагаат во обезбедувањето на граничните подрачја заедно со палестинската полиција обучена и проверена од нив, како и дека ќе се координираат со други држави за да се обезбеди проток на хуманитарна помош. Наведено е и дека силите треба тесно да се консултираат и соработуваат со соседните земји Египет и Израел.
Како што меѓународните сили ќе воспоставуваат контрола, резолуцијата прецизира дека израелските сили ќе се повлечат од Газа „врз основа на стандарди, пресвртници и временски рокови поврзани со демилитаризацијата“.

Овие услови мора да бидат договорени меѓу стабилизациските сили, израелските сили, САД и гарантите на прекинот на огнот, се наведува во документот.

Трамп во понеделникот изјави дека „членовите на Одборот, како и многу други најави, ќе бидат објавени во наредните недели“.
Некои дипломатски извори наведуваат дека резолуцијата ќе помогне во давање овластување на државите да учествуваат во МСФ, бидејќи силите сега ќе имаат поддршка од ОН.

Американскиот амбасадор при ОН, Мајкл Волц, рече дека МСФ, „силна коалиција мировници, многумина од земји со муслиманско мнозинство како Индонезија, Азербејџан и други“, ќе бидат распоредени во Газа „под единствена команда“ за да „ги обезбедат улиците на Газа, да ја надгледуваат демилитаризацијата, да ги заштитат цивилите и да ја следат хуманитарната помош низ безбедни коридори“.

Државите на кои САД им се обратиле – меѓу кои Египет, Индонезија, Турција и Обединетите Арапски Емирати, сè уште немаат донесено конечна одлука.

Во резолуцијата се наведува дека Меѓународните сили „ќе го обезбедат процесот на демилитаризација“ на Газа – што сугерира дека ќе треба да го одземат оружјето на Хамас, кој веднаш по гласањето во ОН инсистираше дека нема да прифати разоружување.
Меѓу земјите кои би испраќале трупи постои мала подготвеност за директен судир со искусните борци на Хамас. МСФ, меѓутоа, би требало да преземе контрола врз безбедноста во териториите што моментално ги држат израелските сили, што исто така може да доведе до судири, особено ако израелската страна не сака да се повлече.

Не е многу јасен ниту планот за палестински комитет на технократи кој би бил одговорен за секојдневното управување со Појасот Газа, под водство на Трамп и негови соработници. Ќе биде, благо речено, тешко да се најдат технократи подготвени да работат за Трамп, а кои би имале некакво влијание врз 2,2 милиона преживеани Палестинци во Газа. Истото важи и за претпоставените полициски сили.

Искусниот американски преговарач и експерт за Блискиот Исток, Арон Дејвид Милер, сепак, ја гледа резолуцијата како чекор кон идна палестинска држава.

Дали резолуцијата може да се спроведе, не е јасно. Но таа одразува две нови реалности – Трамп ја интернационализираше компонентата на палестинското прашање во Газа и го поддржа решението со две држави како крајна цел“, напиша Милер на социјалните мрежи.

 

ХАМАС ЌЕ БИДЕ РАЗОРУЖАН, „СИНИ ШЛЕМОВИ“ ЌЕ ЈА КОНТРОЛИРААТ ГАЗА Советот за безбедност на ООН донесе важна резолуција

Поврзани содржини