Трагичната ролја на македонскиот интелектуалец

Историски гледано, македонската ситуација никогаш не била лесна за интелектуалецот. Определувањето за и/или против она што се нарекува власт во која и да е позната форма често наликувало на невозможна мисија, а изборот, во двете алтернативи, претставувал неизбежен интелектуален пораз.

1,985

Некогашната 1991 година и редефинирањето на државата како независна, суверена, самостојна… требаше да донесе многу нешта, меѓу другото и катарза односно исполнување на многу утопии што требаа да извираат од таа независност и сувереност што требаше некој да ги „материјализира“ во праксата. Кој ако не интелектуалецот, односно оној со знаење, визија, смелост и одважност? Но кога тој е оптоварен со својата лична малост, кусогледост, кукавичлак…, кога сака да клоца само мали кучиња зашто од големите му страв…, тогаш добивате – што? Се разбира, ја добивате македонската реалност, од тогаш до денес!

Но таа 1991 година требаше да ја овоплоти и најважната идеја: Утопијата за неприкосновена демократска слобода којашто континуирано изгледала дека е тука, веднаш зад аголот, но секогаш била некако – недофатлива. Затоа таа 1991 година (не само) за интелектуалецот – но сепак со акцент на него заради неговиот потенцијален јавен ангажман – се претвори во иронија на судбината: очекуваната слобода и сето она што (требаше да) оди со неасепак беше условена со познатото реалсоцијалиситичко „или си со нас или против нас“! Токму заради тоа, впрочем, Македонија остан(ув)а провинциски жабурник во секоја смисла на зборот, а особено во поглед на клучната ролја на интелектуалецот.






Или, ако сакате, таа ролја, наместо прогресивна, демократска, слободарска…, се спушти на прислужничка, со (најчесто) трагичен призвук. И тоа го сведочиме од ден во ден, континуирано, на еден или на друг начин: во сите криминално-коруптивни скандали, во сите политикантски афери, слушате имиња на интелектуалци – како директни актери или соучесници од втор план – како се прпелкаат во сопствената тегобност, лукративност, послушност… Или пак, едноставно, се подметнуваат како слуги на политиката, поточно: политикантството, заради различни цели.

Впрочем, кое и какво би било другото објаснување за секојдневниве срамни случувања низ државава: „случајот Онкологија“, игриве околу Уставниот суд, па оние околу Врховниот суд (сега и во однос на обидот буквално да се украде Работнички дом!), скандалозниот тек на изборот на нов јавен обвинител, ректорската управа на УКИМ итн.? Или, на пример, останува тотално нејасен сегашниот „ангажман“ на една реномирана професорка и критичарка на неспособноста на оваа власт како замена за безрбетникот Јовевски, или поклонението на онаа орда „интелектуалци“ (филозофи, уметници, поетеси, писатели…) пред „операцијата СК 2014“, или безгласното прифаќање на секакви полуписмени протуви за министри, директори, претседатели на управни одбори…? Или како онака интелектуално „мазно“ поминаа оние шизофрени „роднини“ на „Ск 2014“: чудовиштата пред „Холидеј ин“, (набргу) монструмот кај „Алумина“, па кај „Треска“, па кај „8 Септември“…?

Не говори ли сето тоа токму за трагичната ролја на македонскиот интелектуалец и неговото понижувачко вклучување во општото страотно разградување на државата?! Но, да бидам појасен: ова секако не е „специјалитет“ само на овој период во македонската историја. Но е неверојатно распространет, веќе вгнезден во сите пори на општеството.

Историски гледано, македонската ситуација никогаш не била лесна за интелектуалецот. Определувањето за и/или против она што се нарекува власт во која и да е позната форма често наликувало на невозможна мисија, а изборот, во двете алтернативи, претставувал неизбежен интелектуален пораз. Зошто? Бидејќи македонската историја, како и да ја читаме, генерално претставувала „приказна“ полна со ризици. По животот најчесто, се разбира, но следствено и по сите други човечки/морални стојности (семејство, кариера, имот, углед…). Спротивставувањето на власта (во која и да е позната форма) најчесто значело и екскомуникација од општеството!

И повторно, македонската историја е полна со такви примери, нови и постари. Повозрасните почитувачи на уметноста можеби ќе се сетат на Крсте Црвенковски и неговите осамени „прошетки“ низ разни изложби откако беше етикетиран како либерал и буквално изгонет од јавниот живот. И мизерното однесување на неговите некогашни пријатели и сопартијции кои се плашеа да го поздрават!

Затоа и совремието на независна, самостојна и суверена Македонија (па нека е и Северна), требаше да донесе нов дух во државата, темелен на цврстата определба за демократија, за права и слободи на граѓанинот, за стручност, компетентност и професионалност…, но пред сѐ и на моралност! Ако онаа 1945 година претставувала нешто навистина ново, поблиската 1991 требаше да биде ново на квадрат. Ништо од тоа не остана денес. А тоа беше главната, историската ролја на македонскиот интелектуалец! Наспроти тоа, тој се одлучи да се претвори во џебџија и клиент, во навивач на власта и нејзин дрвен адвокат, прифати да биде замена на неспособните и криминогените политиканти, да биде наемен работник кој ги товари магарињата на газдата со украдените богатства.

Тој денес прифаќа да биде опкружен со невоспитани агресивни орди и да вика „ура“ во нивна поддршка, ракоплеска на протуви кои не умеат да склопат една простопроширена реченица, поттикнува и оправдува криминалци и уличари а другите да ги нарекуваат – националисти. Наместо дијалог и спротивставување на ставови и аргументи ние денес добивме аморални „интелектуалци“ со партиски труби и тапани.

Кое е и какво е во таков случај вистинското лице на интелектуалецот? Или тој е стамен „интелектуалец“ и критичар на власта – која и да е и каква и да е – само до првата поволна понуда од нејзина страна? Македонскиот интелектуалец комотно ќе гласа дури и за новиот „премиер“, за кој ни албанската опозиција не гласа. Неговата лакомост станува веќе епохална и национално крајно контрапродуктивна!

Оттука, да се навратам на една неодамнешна констатација на Никола Димитров за „голиот цар“: овде не е само царот гол, гол е (речиси) целиот интелектуален – или „интелектуален“, како сакате – потенцијал на оваа земја. Но и тоа е уште еден отворен фронт во оваа специјална (не)културна војна.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини