Трајко Вељаноски уверливо докажа дека нема никаква вина за 27 април и дека сторил сѐ што може да ги спречи немилите настани

Повеќе од дваесеттина некогашни колеги на Вељаноски, пратеници, дел од нив и политички противници на партијата од која потекнува поранешниот претседател, на чело со Зоран Заев, јавно сведочеа и проговорија за вистината. Со тоа задачата на Судот сега е олеснета, бидејќи е јасно како бел ден дека Вељаноски, не само што нема вина за настаните од 27 април, туку сторил сѐ што е во негова моќ да ги спречи.

3,535

Во својот денешен исказ пред Судот, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски ги сумираше аргументите на својата одбрана и уверливо ги поби сите наводи на обвинението против него, поврзано со настаните во парламентот од 27 април 2017 година.

Како што е познато, обвинението тврди дека „Трајко Вељаноски, во својство на претседавач на Собранието на Република Македонија од новото парламентарно мнозинство, со координирање на пратениците предводени од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и спротивно на член 78 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија не дозволил да се изврши измена на точките од дневниот ред на Седницата на барање на пратеникот Оливер Спасовски, кого го поддржувале повеќе од 10 пратеници“.






Втор пат во обвинението Вељаноски се спомнува во следната реченица: „Во 14,54,17 часот обвинетиот Трајко Вељаноски испратил порака до обвинетиот Никола Груевски сега недостапен за органите на прогон со содржина ‘да Ве информирам дека Заев имаше прес во Собрание и процедурално на седница најави дека мнозинството ќе го избере претседател на Собрание. Местото може да е во сала во Собрание, во ходник, на скали, во МАНУ, на Правен факултет…’“. На ова, Никола Груевски, во 16,04,14 часот, му испратил порака на Вељаноски со содржина „Од Панче Кралев: од ДУИ информација од човек што дојде од состанок со Талат … денес за попладне после 17,00 часот се спрема избор на Талат за претседател на Собрание на иницијатива на СДСМ“.

 

На почетокот на својот денешен исказ, Трајко Вељаноски објасни зошто било неопходно на подготвителниот состанок за седницата што ја закажал на 30 декември 2016 година, да се договори избор на Комисијата за прашања на избори и именување. Но, пратениците Оливер Спасовски и Талат Џафери не сакале да дадат предлози за Комисијата.

– Доколку ја изберевме Комисијата за избори и именување на 30 декември, не ќе можеше никој да гo користи филибастерингот и по продолжување на седницата веднаш ќе се одеше на избор на претседател на Собранието на Република Македонија – објаснува Вељановски и потсетува дека за овој подготвителен состанок постои записник од 29 декември 2016 година,  потпишан од страна на сите претставници на политичките партии, кој бил изведен како материјален доказ, а истото ова го потврдиле и сведоците Африм Гаши,  Илија Димовски и Сања Угриновска Спасеновска.

Во текот на јануари, Вељаноски ја води Конститутивната седница на најдобар можен начин. Тензии има, но ништо не го навестува она што ќе се случи на 27 април. Битен момент од овој период е тоа што на 23 јануари е доставено известување за формирање пратеничка група на Движењето БЕСА, при што координатор е Африм Гаши, а заменици координатори Зеќирија Ибраими и Фадил Зендели. Овој допис е архивиран во Собранието, доставен е до сите пратеници и е изведен како материјален доказ пред судот. И сведоците Африм Гаши, Фадил Зендели и Зекирија Ибраими тоа го потврдуваат. Со тоа се побива лажното сведочење на сведокот на Обвинителството Сашко Коцевски (инженер, вработен во стручните служби во парламентот) дека Зеќирија Ибраими не бил заменик кординатор. А во обвинението, да потсетиме, се тврди дека во најтензичните моменти на седницата на 27 април, Вељаноски на Ибраими му дал збор преку ред (а не процедурално), по што овој испеал дел од албанската химна. Тоа тврдење од обвинението, поткрепено со лажно сведочење, уверливо е побиено и со писмен доказ и со сведочења.

Неспорно: Вељаноски барал пратениците да се откажат од дискусии, реплики и контрареплики, за да се премине на избор на претседател на Собранието

Во јануари, во февруари и до средината на март, Велјаноски не добива известување од пратениците за продолжување на Конститутивната седницата. Тој упорно контактира со претставниците на партиите за продолжување на седницата, но тие му велат дека е рано. Цело време се тврди дека седницата траела 4 месеци, што не е точно – таа траела точно 22 работни дена. Дури на на 17 март 2017 Велјаноски добива допис од пратениците на СДСМ и од коалицијата, од ДУИ, Алијанса за албанците и од БЕСА, да продолжи Конститутивната седница. И тој архивиран допис е изведен како доказ и е поткрепен со изјави на релевантни сведоци. По три последователни подготвителни состаноци, на 23 март 2017 година се постигнува сосгласност за составот на Комисијата за избори и именувања и паѓа договор на Вељаноски да му се достави официјален предлог за состав на Комисијата и по добивањето на предлогот, тој да го закаже продолжението на Конститутивната седница за 27 март 2017 година. За сите подготвителни состаноци има записници, кои се доставени како докази, а има и искази на сведоци.

На 27 март 2017 година до Вељаноски е доставена исправка на составот на комисијата, како и предлог за кандидат за претседател на Собранието потпишан од 62 пратеници. Во текот на истиот ден, тој ја продолжува Конститутивната седница и се пријавуваат многу пратеници за збор. Станува јасно беше дека седницата ќе трае со денови.

– На 28 март, 29 март, 30 март, 31 март, 3 април и на 5 април 2017 година се одржаа координации, на кои барав и инсистирав да се постигне договор помеѓу претставниците на политичките партии да се откажат од збор или од реплики и контра-реплики, со цел да преминеме на четвртата точка, избор на претседател на Собранието. Но, за жал, не се постигна договор помеѓу претставниците на политичките партии и седницата мораше да продолжи согласно дневниот ред и пријавените за збор – изјави денеска Велјановски, потенцирајќи дека неговиот исказ е поткрепен со записници за овие состаноци потпишани од сите претставници на политичките партии, како и со исказите на сведоците Африм Гаши, Ејуп Алими и Сања Угриновска Спасеновска.

Докажано: Член 78 став 2 од Деловникот не можел да се примени како што барал пратеникот Оливер Спасовски

На 6 април, на седницата на Собранието, Оливер Спасовски се повикува на член 78 став 2 од Деловникот и бара да се прекине со расправата по третата точка од дневниот ред и да се премине на четвртата точка, иако има пријавени за збор по таа третата точка. Четвртата точка е избор на претседател на Собранието.

– Овој предлог е спротивeн на члeн 80 став 2 од Деловникот, во кој е наведено: „Претресот по точката  трае сѐ додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор“. По дадениот предлог од Оливер Спасовски, свикав координација на 6 април во 12:00 часот и на истата се постави и ова прашање. Не постоеше согласност за примена на член 78 став 2, бидејќи е спротивнa на Деловникот. Ова го потврдија и сведоците Илија Димовски и Оливер Спасовски. Дека примената на член 78 став 2, како што предлагаше Оливер Спасовски, е спротивнa на Деловникот и дека оваа одредба никогаш не се применила кога имало пријавено дискутанти по точката, потврдија голем број сведоци, повеќе од дваесеттина, од ВМРО-ДПМНЕ, од ДПС, д СПМ, а истото го потврдија и сведоците Зоран Заев, Оливер Спасовски и Талат Џафери, кои кажаа дека ниту пред 27 април, а ниту  после 27 април, не се применил членот 78 став 2 така како што предлагаше Оливер Спасовски, односно кога има пријавено дискутанти по една точка да се прекине со неа и да се прејде на друга точка од истата седница – изјави обвинетиот Велјаноски.

Со други зборови, поранешниот претседател на Собранието, клучниот дел од својата одбрана го поткрепи со цврсти материјални докази и со изјави на исклучително релевантни сведоци, меѓу кои се и акуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, актуелниот премиер Зоран Заев, сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и други пратеници, сите клучни актери на настаните поврзани со Конститутивната седница.

Логично: Во комуникацијата со Груевски нема ништо тајно, пораката дека се спрема избор на претседател на 26 април била несериозна

Доаѓа 27 април. На седницата, околу 13 часот, пратеникот Зоран Заев се обраќа процедурално и бара да се откажат пратениците од збор, за да заврши седницата . И вели: „Ќе се носи одлука во оваа сала, ќе се носи одлука во некоја од другите сали на Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ”.

– По процедуралната забелешка на Зоран Заев, јас неколку пати ги замолив пратениците да се откажат од збор, од реплики и контрареплики, за да може да заврши седницата. Но, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од други партии, а имаше и пратеници од СДСМ, Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски, не ја прифатија молбата и не се откажаа. Тоа беше нивно деловничко право и јас не можев и не смеев да им го ускратам тоа право. Сето ова може да се види во стенографските белешки од Конститутвната седница одржана на 27 април 2017 година, како и од исказите на сведоците Зоран Заев, Весел Мемеди, Талат Џафери, Реџаил Исмаили, Ејуп Алими од ДУИ, Алија Камберовски од ПЕИ, Иван Стоиљковиќ од ДПС, Љупчо Димовски од СПМ, Илија Димовски и други дваесетттина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ – изјави денеска Велјаноски.

После 14 часот, за време на паузата на седницата, пратеникот Зоран Заев одржува прес-конференција во прес-салата на Собранието и го повторува она што го кажува на седницата. Вработената во кабинетот, Сања Угриновска Спасеновска, за пресот го известува претседателот на Собранието.

– Сакам да напоменам дека таа порака се експлоатира без последните неколку збора, а тие се: „Вечерва имаат централен одбор и мислам дека утре ќе се обидат да го направат изборот“. Со тоа јасно се кажува дека на 27 април не се очекуваше да се случи избор на претседател на Собранието и сите немили настани што следеа. Сето ова се потврди со стенографските белешки од 27 април, кои се изведени како материјален доказ, како и од сведочењето на Зоран Заев и на Сања Угриновска Спасеновска, која кажа дека била надлежна за односи со јавноста и за известување од прес конференциите и дека ми испратила порака од пресот на Зоран Заев, што била вообичаена комуникација за сите прес конференции. Пораката што ја добив од вработената во Собранието Сања Угриновска Спасеновска ја препратив до Никола Груевски, информативно, за нешто што целата јавност го знаеше од самиот прес и тоа го имаше по сите портали и медиуми – изјави Велјаноски.

Ова исто така е клучен дел од исказот на Вељаноски, со кои тој, поткрепен и со сведочењето на Заев, ги побива приказните дека со Груевски имал некаква комуникација од заговорнички тип. Пораката од Панче Кралев, што ја добил околу 16 часот, всушност препратена порака од Никола Груевски, за Вељаноски, како што кажа денеска, немала никакво значење, бидејќи веќе имал добиено дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник за продолжување на конститутивната седница за наредниот ден на 28 април.

– Претходниот ден, на 26 април, исто така добив препратена порака од Никола Груевски, којшто пак ја добил од Митко Чавков, дека тој ден на 26 април ќе се извршел избор на претседател на Собрание, што не се случи на тој ден. Сето тоа укажуваше на несериозноста на препратената порака. Седницата си продолжи со редовниот тек – изјави денеска Велјаноски.

Потврдено: Имало прецизен договор меѓу пратениците Конститутивната седница да продолжи на 28 април

Некаде после 15 часот, во текот на седницата, собраниската служба го известува Вељаноски дека има писмо односно барање потпишано од 31 пратеник од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, со кое бараат продолжението на конститутивната седницата да биде закажано за 28 април 2017 година, петок, со почеток во 11:00 часот. Дописот е заведен во архивата на Собранието, изведен е како материјален доказ, а истото го потврдиле и сведоците Сања Угриновска Спасеновска од кабинетот, пратениците Петар Атанасов, Диме Велковски, Татјана Прентовиќ, Коста Јаневски од СДСМ, Алија Камберовски од ПЕИ, Јулија Николова од ЛДП, Реџаил Исмаили од ДУИ, Теута Биљали, Фадил Зендели, Зекирија Ибраими од БЕСА.

– Околу 17 часот и 10 минути дадов кратка пауза од 5 минути и ги повикав претставниците на политичките партии на кратка координација во салатa на Влада. На таа кратка координација дојдоа пратениците Оливер Спасовски од СДСМ, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими од ДУИ, Зекирија Ибраими од БЕСА, Весел Мемеди од Алијанса за Албанците. На таа пауза побарав заеднички да одлучиме да ја продолжиме седницата за наредниот ден, согласно дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник. Заеднички сите одлучивме седницата која што ќе трае до 18:00 часот да продолжи наредниот ден, согласно со барањето од 31 пратеник. Овој договор во сведочењето го потврдија Илија Димовски, Оливер Спасовски, Весел Мемеди, Ејуп Алими и Зекирија Ибраими. Овој договор од кординацијата, претставниците на политичките партии им го пренесоа на пратениците, дека е договорено седницата да продолжи и утредента на 28 април. Тоа го поврдија голем број на сведоци и тоа преку дваесетина сведоци, од ВМРО-ДПМНЕ, од ДПС, СПМ, ДУИ и од други политички партии – изјави денеска Велјаноски.

Но, во продолжението на седницата, се јавува за процедурално пратеникот Оливер Спасовски и бара согласно член 78 став 2 од Деловникот да се стави предлогот за гласање на новиот претседател на Собранието и за да се прекине третата точка. Сите знаеме што се случува понатаму. Уследуваат процедурални обраќања на Илија Димовски, Крсто Мукоски, Владимир Ѓорче и Зеќирија Ибраими.

Докажано: Немало техничка можност Вељаноски да го исклучи микрофонот на собраниската говорница

– Од исказите на сведоците Џевад Адеми и Артан Груби, се потврди дека Зекирија Ибраими бил пријавен пред нив за процедурално, а не како што лажно сведочеше Сашко Коцевски, дека преку ред му е даден збор на Ибраими. Зекирија Ибраими во процедуралната забелешка пееше на албански. За време на пеењето немаше превод од собранискиот преведувач Беса Дрндар и јас не бев запознат што се пее на албански. Тоа траеше кратко, некаде околу дваесетина секунди и веднаш штом заврши, ја прекинав седницата бидејќи беше 18:00 часот и закажав продолжение за утредента, 28 април, во 11:00 часот. Во тоа време, на 27 април, кога пратеник зборува од говорница, претседавачот нема механизам за да го исклучи микрофонот. Кога пратеник зборува од место, има копче кај претседавачот, каде што може да го исклучи микрофонот. Ова го потврди и сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, кој кажа немало можност ни до 27 април ни после 27 април од пултот да се исклучи пратеник кој говори од говорница. Пратениците Теута Биљали, Фадил Зендели и Африм Гаши од пратеничката група БЕСА потврдија дека ниту тие лично, ниту пратеничката група, имале сознание дека Зекирија Ибраими во процедурално ќе ја пеел албанската химна и дека било негова лична одлука. Пратеникот Зеќирија Ибраими потврди дека бил заменик кординатор и како заменик кординатор се пријавил за процедурално и му било овозможено процедурална дискусија, а поттикнат од дневната дискусија и од Крсто Мукоски кој ја испеал македонската химна, тој, во знак на протест,  испеал дел од албанската химна и дека тоа било лично негова одлука – кажа Велјаноски и уште еднаш нагласи дека и сведоците Зоран Заев, Петар Атанасов, Африм Гаши, Никола Тодоров и други пратеници, потврдиле дека тој, како претседавач, стриктно го почитувал и се придружувал кон одредбите на Деловникот.

Во 18:00 часот, согласно член 68 став 4 од Деловникот, Велјаноски ја прекинува седницата и продолжението на таа седница го закажува на 28 април во 11:00 часот, согласно Деловникот и согласно договорот и писмото потпишано од 31 пратеник.

– Откако ја прекинав седницата и закажав продолжение за утредента се качив во кабинетoт и за жал, после тоа, се случија немилите настани во Собранието, за кои најискрено жалам што се случија. И како што кажа еден сведок, едни беа физички жртви,  други политички жртви, а севкупно сите бea жртви и сите изгубија – изјави Вељаноски на денешното судско рочиште.

ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

 

Уверливо демантирани неколку лажни сведочења

Довршувајќи ја успешно демонтажата на неоснованото обвинение против него, Вељаноски демантираше уште неколку лажни сведочења. На пример, сведочењето на Сашко Коцевски (службеник во Собранието, по занимање машински инженер) дека Вељаноски бил член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, што не е точно и е тенденциозна лага.

– Исто така и сведочењето на сведокот Александар Василевски, дека на 27 април лицето Биљана Бришковска комуницирала со мене и дека ми наредила да се отворат вратите, е лажен исказ. Јас ни претходните денови ни тој ден, а ни наредните денови, немам ама баш никаква комуникација со лицето Биљана Бришковска, што го потврди и сведокот Бришковска на 11 март – вели Бљаноски.

Со Владимир Атанасовски тогашниот претседател на Собранието немал никакви контакти во изминатите девет години додека бил претседател на Собранието и не ни знаел како изгледа. Со Миле Јанакиески имал службени контакти кога Миле бил министер, но во текот на 2017 година немал никакви контакти, ниту службени ниту лични. Со Спиро Ристовски Вељаноски имал службени контакти преку пораки и тоа неколку дена пред 27 април, а и на 27 април, пред почеток на седницата, но тој контакт бил во врска со инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат.

Вистината на бело видело…

Со љубезноста на Трајко Вељаноски, авторот на овој текст го доби целосниот исказ на денешното рочиште, со намера да го презентира детално. Како и во декември, кога Плусинфо пишуваше за овој несекојдневен случај, ќе повториме и сега: не треба човек да е судија или обвинител, дури ни правник или студент по право, за да сфати дека инкриминирањето на Трајко Вељаноски во врска со настаните од 27 април е целосно неодржливо. Органите на прогонот, Обвинителството и Судот, беа должни да утврдат кои се организатори и извршители на злосторството, да подигнат обвиненија според законот и според тежината на извршените кривични дела да донесат соодветни пресуди. Но, ова конкретно обвинение, без никакви релевантни докази, без посочување на било каква врска на Вељаноски со насилствата на 27 април дури ни во самиот обвинителен акт, не може да доведе до правда, туку само до нова жртва на еден нов монтиран политички процес.

Добрата вест е што повеќе од дваесеттина некогашни колеги на Вељаноски, пратеници, дел од нив и политички противници на партијата од која потекнува поранешниот претседател, на чело со Зоран Заев, јавно сведочеа и проговорија за вистината. Со тоа задачата на Судот сега е олеснета, бидејќи е јасно како бел ден дека Вељаноски, не само што нема вина за настаните од 27 април, туку сторил сѐ што е во негова моќ да ги спречи.

 

Поврзани содржини