Се надевам дека пратениците во новоизбраниот состав ќе бидат многу поактивни, самостојни во домот на демократијата и ќе ги артикулираат интересите на граѓаните и државата, порачува пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз кој денеска реагира што пратениците не добиле известување за денот кога треба да ги примат уверенијата дека се народни избраници.
„Последните две недели новоизбраните пратеници се предмет на критики поради тоа што не присуствувале на свечената седница на ДИК, одржана на 25.07.2020 година, за да ги примат уверенијата за избор на пратеник. Сакам да ја информирам јавноста дека ДИК не достави информација (покана и сл.) до новоизбраните пратеници, туку до овластените предлагачи на партиите и коалициите. Таквата информација не е проследена до сите пратениците и затоа не беа присутни на свечената седница на ДИК. Од таму неосновани се коментарите и критиките упатени спрема нив“, вели Трајанов.