Толку им е стемнето, што утре го прогласија за „црн петок“ – Битиќи ќе лови вештерки!

Стравувајќи, сосема непотребно, од евентуален „црн петок“ на драстични зголемувања на цените, владиниот дубиоза колектив упати сериозни закани до трговците и до бизнисите. Улогата на плашило му е доделена на Фатмир Битиќи. Кој веќе се соживува со ролјата, небаре конкурира за Оскар.

6,565

Со наближувањето на пролетта, владата конечно ќе ги „одмрзнува“ цените на низа производи за широка потрошувачка, претежно прехранбени стоки, пијалоци и некои видови зеленчук. Тие на самиот почеток од минатата есен беа означени како „гарантирани цени“. Тоа треба да се случи утре, петок , 1 март.

Стравувајќи, сосема непотребно, од евентуален „црн петок“ на драстични зголемувања на цените, високи владини претставници  упатија сериозни предупредувања и закани до трговците и до другите бизниси присутни во синџирот на снабдување со основни животни продукти, чиишто цени треба слободно да се формираат на пазарот.






Тоа го правеле и претходно. Но, интересно е што сега улогата на плашило министерот за економија Бектеши му ја препушти на својот колега Битиќи. Вториов најави дека армија инспектори од утре ќе крстарат по маркетите и предупреди дека „секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни на најсериозен начин“.

На што мислел Битиќи? Кој ќе цени и врз основа на кои критериуми, дека нечие однесување е неетичко?

Која е границата на корекција на цената на еден производ, од каде што се применува квалификацијата за неетичко однесување?

Во изјавата за медиуми, тој се обидува да ни појасни на што мислел и вели дека „за секое евентуално зголемување на цените коишто излегуваат од секоја нормална пазарна логика, соодветно ќе реагираме“.

На слободниот пазар, по дефиниција, самата пазарна логика е „нормална“. Во отсуство на состојби кои ја нарушуваат конкуренцијата – какви што се, на пример, картелските спогодби за фиксирање на цените (кои треба да се докажат низ законски утврдена процедура), или елементарните непогоди во кои е загрозено снабдувањето со витални продукти за живот на граѓаните – понудата и побарувачката се тие што ги диктираат цените.

Свесен дека со дубиозни инструкции до инспекторите од Државниот пазарен инспекторат нема ништо да се постигне во насока на спречување и евентуално санкционирање на „неетичко“ однесување од страна на трговците, г-динот Битиќи, со доза на патетика, најавува дека самиот ќе одел, исто како и пред шест месеци, за да поднесе пријава до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

(Тој погрешно го користи терминот „конкурентност“, наместо „конкуренција“, а верувам дека знае дека станува збор за сосема различни концепти).

Против кого би поднесувал пријава?

Против непознат сторител?

Против самиот пазар како институција, или против некој бизнис кој постојано се бори на пазарот со зголемените трошоци за работа, вклучително и тие за труд?

Против стопански субјекти кои не добиле бизнис од државата и можност за креирање профит, како што истакнува самиот, туку инвестирале во дејноста и вработуваат илјадници вработени?

Нема ништо спорно кој било да поднесе пријава до Комисија за заштита на конкуренцијата, доколку постојат индиции за картелско здружување за фиксирање на цените на повисоко ниво од пазарното, доколку постои поделба на територии или на купувачи и слично. Но, работа е на органот, во случајов Комисијата, со инструментите што ѝ стојат на располагање, да го докаже таквото незаконско однесување и да определи санкции утврдени со закон. Сѐ друго е демагогија и евтин трик за заплашување на бизнисот.

На крајот, кое однесување од аспект на утврдување на цените од страна на трговците може да се смета за неетичко?

Ќе наведеме само неколку примери.

Како резултат на елементарна непогода (земјотреси, поплави и слично), доаѓа до недостиг на храна, а водата за пиење е небезбедна. Драстичното зголемување на цените на храната и на водата за пиење во маркетите е неоправдано.

Понатаму, снегот ги затрупува улиците и дворовите и расте побарувачката на лопати за расчистување. Трговците значително ги зголемуваат цените на лопатите. Нивниот потег е за осуда.

Повторно го поставувам прашањето: како можеше пазарот, дури и во услови на кризи низ кои поминавме во период од четвртина век, па сѐ до напливот на популистичките мерки на владата предводена од СДСМ и од ДУИ, практикувани во последните 4-5 години, да ги регулира цените на начин кој бил прифатлив за мнозинството граѓани во земјава и придонесувал да се стремиме кон исполнување на еден од критериумите за членство во ЕУ – функционална пазарна економија?

Без поголеми драми и политики од типот „одмрзни-замрзни“!

Чуму тогаш оваа евтина демагогија?

Поврзани содржини