ТОА НЕ СЕ ГАРАНЦИИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ, ТУКУ ЗА ОПАСНОСТ Захарова ја отфрли можноста за распоредување странски трупи во Украина
Според портпаролката на руското Министерство за надворешни работи идеите за распоредување странски трупи во Украина не се гаранции за безбедност за Украина, туку гаранции за опасност за целиот европски континент.
Русија ги осуди барањата на Киев за безбедносни гаранции во рамки на мировно решение за конфликтот и ги нарече „гаранции за опасност за европскиот континент“.
– Русија нема планови да разговара за распоредување на странски трупи во Украина во кој било формат и го смета за неприфатливо – изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Според Захарова „тоа не се гаранции за безбедност за Украина, туку гаранции за опасност за целиот европски континент“.
Таа ги отфрли како „лажни“ и тврдењата дека Русија стои зад оневозможувањето на ГПС-сигналот на авионот со кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата летала за Бугарија.
Нејзиниот коментар дојде откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ќе испрати европски трупи во Украина, идеја што исто така ја отфрли Германија.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“ во неделата, Фон дер Лајен рече дека Европа изработува „прилично прецизни планови“ за распоредување на мултинационални сили во Украина како дел од повоените безбедносни гаранции што ќе бидат поддржани и од САД.
– Русија нема да разговара за странска интервенција во Украина во кој било формат, што е фундаментално неприфатливо и ги загрозува сите форми на безбедност – реагираше Захарова на зборовите на Фон дер Лајен.
Од друга страна, германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, ги отфрли изјавите на Фон дер Лајен во вторник.
– Нема прецизни планови за воена акција, барем не во Германија. Европската Унија не е одговорна за донесување одлуки за воена поддршка за Киев – истакна канцеларот, додавајќи дека ова е прашање за таканаречената коалиција на подготвените, поширока група западни сојузници на Украина.