ТОА НЕ БЕА САМО ГЕСТОВИ НА ПОМОШ, ТУКУ ВИСТИНСКО ПРИЈАТЕЛСТВО Атина го поддржува Скопје на европскиот пат, му рече Герапетритис на Муцунски
Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство, се заблагодарил министерот Муцунски за солидарноста која Грција ја покажа за трагедијата во Кочани. Неговиот грчки колега нагласил дека Грција го поддржува напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на воспоставените условности и принципот на сопствени заслуги, со посебен фокус на основните критериуми.
Инвестициите, трговијата, инфраструктурата и енергијата беа во фокусот на средбата меѓу македонскиот шеф на дипломатијата Тимчо Муцунски и неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис на средба во Атина. Муцунски извести дека вниманието било свртено кон унапредувањето на соработката меѓу двете земји.
– Нашиот фокус беше и на резултати кои носат придобивки за граѓаните. Инвестиции. Трговија. Инфраструктура. Енергија. Разговаравме за проекти како Kоридорот 10 и гасниот интерконектор – не само како технички проекти, туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност – нагласи министерот Муцунски по работната посте на својот колега.
Според соопштението на македонското МНР, министрите се осврнале на процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во оваа насока, министерот Герапетритис ја нагласил силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат.
– Сакам уште еднаш да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на воспоставените условности и принципот на сопствени заслуги, со посебен фокус на основните критериуми – изјавил Герапетритис.

Во соопштението се вели дека министрите изразиле задоволство од денешната средба, во период кога двете страни посветено работат на унапредување на односите помеѓу двете земји.
„Притоа имаа отворен разговор и размена на мислења за повеќе прашања од заеднички интерес. На средбата, од страна на министерот Муцунски беше изразена искрена благодарност за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните итни состојби во близина на Дојран“.
– Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство – истакнал министерот Муцунски.
На помошта и солидарноста на Грција за нашата земја се осврна ли шефот на грчката дипломатија кој рекол дека „обединети од географијата, нашите земји стојат рамо до рамо, подготвени да си помогнат и се поддржат една со друга во моменти на потреба“, истакнувајќи дека „чиновите на солидарност ја зајакнуваат довербата и ги приближуваат нашите народи“.
– Грција и Северна Македонија воспоставија силна соработка во различни области, вклучувајќи ја економијата, трговијата, инвестициите и проекти за меѓусебно поврзување преку транспортни и енергетски мрежи. Се согласивме да ја продлабочиме нашата заемно корисна билатерална соработка во овие сектори, вклучително и преку Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Преку својата клучна енергетска инфраструктура, Грција може да дејствува како енергетски центар во Југоисточна Европа и значајно да придонесе за енергетската диверзификација и отпорност на Европа. Стратешките проекти во енергетскиот сектор, како што е гасниот интерконектор Грција – Северна Македонија, имаат суштинска улога во остварувањето на оваа цел – нагласил Герапетритис.
Грчкиот министер потсетил на поддршката на Грција за нашето членство во НАТО во 2020 година и изрази желба за унапредување на соработката во рамките на Алијансата. Тој се осврна и на Солунската агенда од 2003 година за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, при тоа уште еднаш изразувајќи ја грчката поддршка за ЕУ перспективата на нашата земја и на регионот.
На средбата станал збор и за безбедноста – како на регионално, така и на глобално ниво. Било потврдено заедничкото делување во рамките на НАТО и потребата од блиска координација во овие неизвесни времиња.
На средбата било заклучено дека императив за двете страни останува почитувањето на меѓународното право, „а билатералните односи, како и досега, ќе се засноваат на меѓусебно разбирање како соседи и сојузници во НАТО“.